Малкумина можеле да си замислат дека автобиографијата на Адолф Хитлер наречена „Мојата борба“ (Mein Kampf) би можела пак да стане бестселер, денес во 21. век. Но токму тоа се случи на почетокот на годинава кога во Германија истече забраната за преиздавање на книгата. Но, во сабота книгата стана уште подостапна кога италијанскиот весник „Ил Џорнале“ дистрибуираше копија од книгата заедно со саботното издание на весникот – одлука која предизвика жестоки критики од еврејската заедница во земјата, која постапката на весникот ја оценува како недостојна и како нешто што би можело да го доведе народот до амбсот на бескрајна омраза, смрт и насилство.
Но, десничарскиот дневник кој е во сопственост на семејството на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони вели дека нивната верзија на книгата била анотирана од страна на италијански историчар и дека целта на распространувањето е „да се спречи повторувањето на грешките од минатото.“
„Загриженоста од страна на нашите пријатели од италијанската еврејска заедница, кои секогаш биле гледани како наши безусловни сојузници, ја заслужува сета почит“, пишува Алесандро Салусти, директор на весникот. Но, тој изразува силно несогласување со тие кои велат дека весникот ја објавил автобиографијата со „апологетска намера“. Имено, критичарите на издавањето велат дека весникот можеби ја издал книгата со намера да ги минимизира Хитлеровите злосторства. „Ајде да не извлекуваме корист од таква трагедија“, вели Салусти. „Бидејќи со такви ветришта какви што дуваат тука во Европа и на Блискиот Исток, неопходно е да се разбере какви облици може да прими злото – со цел да не се повтори фаталната грешка“, пишува Салусти, мислејќи на Хитлеровото запоседнување на моќта.
„Мојата борба“ е достапна во германските книжарници почнувајќи од јануари годинава, но само во анотирана верзија, т.е. со коментари кон текстот. Верзијата без коментари би се сметала поттикнувачка. Но, десничарската издавачка компанија Шелм планира да го издаде делото без коментари. Обвинителите ги истражуваат плановите на компанијата и би можеле да покренат обвиненија и пред издавањето на книгата.