Издрогирани овци наводно сосема откачиле и предизвикале хаос откако се најале грмушки канабис кои биле фрлени во некое мирно селце. Остатоците од нелегалниот канабис биле фрлени во селото Рајдипанди во долината Свенси, Јужен Велс, и загрижените жители стравуваат дека овците јаделе од него, бидејќи се однесувале на многу чуден начин.
Советникот Јоан Ричард вели дека овците скитале низ селото, предизвикувајќи метеж, па дури упаѓале и во куќите, а некои од нив погинале во сообраќајни несреќи. „Низ селото талка стадо овци, предизвикувајќи неред. Влегуваат во градините на луѓето, а една дури влегла во една куќа и ја испоганила спалната соба“, вели Ричард.
Тој вели дека жителите се загрижени дека и други овци би можеле да го најдат канабисот фрлен крај патот. „Се плашам да помислам што би се случило ако јадат од тоа што би можело да е растение на канабис – би можеле да имаме епидемија на психотични овци кои дивеат низ селото.“