Матурската вечер е посебно доживување за секој човек, момент кога се прославува завршувањето на едно поглавје во животот и започнувањето на ново. Затоа низ целиот свет на матурската ѝ се посветува големо внимание. Младите возрасни внимателно ја бираат својата гардероба за матурската прослава, и воопшто тоа е важен настан за целото семејство. Истото важи и за соседна Бугарија, каде тоа се издигнува до ниво на гламур, со скапа облека, скапи коли, изнајмување лимузини, но сето тоа измешано со „традиционалната“ турбо-фолк култура на балканското поднебје, понекогаш знае да се претвори во трагикомичен, типичен балкански настан. Сепак, дали сиот тој материјализам со кој нѐ опсипува модерното време, прави да го заборавиме човечкото во нас? Тоа се прашува и Весна Видева во нејзиниот пост на Фејсбук, кој беше споделен во многу бугарски медиуми, со наслови како: „Такви ли сте вие, матуранти? Тоа ли научивте за 19 години?“

mat1

Го набљудуваме момчето со светло синиот костум. Се чудев дали да пишам, но доста сум огорчена и разочарана, затоа решив да споделам што се случи. Пред зградата ни се „исипа“ цел клас матуранти со луксузни коли, џипови, лимузини, која од која полуксузна. Сѐ беше убаво, луѓето се забавуваа, броеја од 1 до 12, а бе сѐ како што си е редот.

Заврна и се скрив под стреата, целиот клас веќе беше во станот на мојата сосетка, нивната класна, кога задоцнетото момче со светло синиот костум пристигна пеш. Му ја отворивме влезната врата, му кажавме каде да се качи, тој се заблагодари и завршивме со тоа. И добро, дојде време да тргнат кон хотелот, излегуваат сите, си се качуваат во колите…и си заминуваат.

mat

Ги испраќам и јас како типична озборувачка, и повторно го гледам момчето со синиот костум како оди пеш по улицата надолу. Го прашувам мојот сосед, далеку ли паркирал човекот кој го вози, при што слушам одговор кој ме вџаши, ме стаписа. „Ами не, тој е пеш, оди кон метрото.“ Викам…МОЛАМ?!?

Од таму гассс накај нас, го оставам своето куче, ги грабнувам клучевите од колата и со 300…да го стигнам. Го најдов, токму сакаше да ја пресече улицата, почнав да свирам, ја отварам вратата и му викам: „Влегувај, денеска си со мене. Каде се наоѓа хотелот?“ Момчето влегува притеснето – Ами, хотелот е после Хемус, по бул. Черни Врх…Викам, добро. Јас возам, Вие ќе ми давате насоки.

Тргнавме и прашувам: „Зошто не прашавте дали некој може да Ве земе со нив?“ „Ами, ги прашав, сите ми откажаа. Во едната кола биле само девојчиња, во другата класната, а другите ми кажаа – Бегај од тука бе, губи се.“

Ејјј, викам, да нема место, а таа лимузина???А другите џипови, како па едно место не се најде??? Како може да се толку злобни и егоистични???

И тој вика, ами не можеме да ги судиме, такви се какви што се, и се насмевна. За момент се замислив, како ли го испратиле горките родители, тивко, кротко со метрото…без вообичаениот свиреж со коли, балони, броење…та тој дури ни чадор немаше. Добро што престана да врне. Само затоа што момчето не се држеше како другите, простачки, грубо и невоспитано и затоа што беше повлечен и срамежлив, никој не го покани во колите кои ги беа зеле – под наем – ти текнува…големите фраери. Та ме фати јад за денешната младина, како само го одбегнуваа…и што ако е посиромашен? Јас пак му бев дамата на балот (матурската вечер) и си го однесов до хотелот!

Цело време ми благодареше…милиот. Се почувствував среќна, па макар и со тоа малку што му бев помогнала. Тие со кои толку години учел заедно ,се направија дека не го познаваат, а јас којашто дури не го ни познавав, се радувам што се запознав со толку чиста душа, со толку воспитано момче.

Колку се заслепени луѓето…

Ги спасивте од дождот – вашата скапа облека, фризури, шминка и обувки, но го оставивте момчето да оди пеш кон метрото, врнејќи го дожд, одејќи со наведната глава во еден од божем неговите најсреќни дни, неговата матурска вечер.

Те поздравувам Кристијане, што не ја симна насмевката од своето лице…ниту еднаш. Честито завршување и ти посакувам успех!

Весна Видева

Сподели на Facebook
пати видено