Дедото беше многу сиромашен. Иако живееше на брегот на езерото си немаше ни баба, ни кајче. Единствено што имаше беше телевизор и сателитска антена.

Еден ден, инспириран од емисија за готвење, дедото ја зеде јадицата и отиде да лови рипчиња. Сепак, наместо рипчиња, дедото фати Златната рипка.

Но таа златна рипка не беше баш како онаа во приказната. Скапите автомобили ѝ беа потрошени, куќите ѝ беа поделени, а банките ѝ беа празни.

„Знаеш, дедо – криза е“ – виновно ја наведна главата рипката.

Размислуваше дедото, размислуваше што да си посака, па конечно пресече:

„Направи таму нешто да сум среќен. Тоа, можеш ли?“

„Тоа – можам“ – рече златната рипка и се нурнаа назад во езерото.

Се прибра дедото и што да види – куќичката си беше на местото само телевизорчето и сателитската антена ги немаше. А наредниот ден имаше Избори 2016 и дедото како и на секои избори се спремаше цел ден да го помине пред телевизорот и да ги следи резултатите.

„Оф, леле, што ми требаше…“ – се плесна по челото дедото.

Цела ноќ, дедото око не склопи и рано наутро тргна кон езерото за да се удави. Што ќе му е живот без Груевски, Заев, турски серии, пинкови ѕвезди…

Да, ама додека бараше некој потежок камен, сонцето тукушто изгреваше. Дедото, никогаш до тогаш не го беше видел изгрејсонцето бидејќи во тоа време обично гледаше „Здраво Македонијо“.

Застана дедото восхитен од глетката и запеа:

„There I was on a July morning looking for love.
With the strength of a new day dawning and the beautiful sun.
At the sound of the first bird singing I was leaving for home.
With the storm and the night behind me and a road of my own.“

Му помина нервозата и се врати дома. Приквечер сепак, повторно го фатија нервите и со надеж отиде во блиското кафуле. Но таму, наместо „Ѕвездите на Гранд“ се гледаше натпревар од Премиер лигата. И бидејќи беше Happy hour, дедото си порача пиво по половина цена и остана да го гледа натпреварот.

Во следните неколку месеци, дедото си пушти коса и си ја врза во мало репче, а бидејќи веќе не гледаше телевизија имаше доволно слободно време, па зеде си ја префарба куќичката со стил.

Секое утро го пречекуваше изгрејсонцето со пеење не само July morning, туку и со Wise man и други кул песни. Во текот на денот, се шеташе по плажата и собираше исфрлени трупци и камчиња од езерото. Од камчињата правеше нараквици, а од трупците – арт инсталации.

Дури, наместо баба, си фати млада девојка, затоа што веќе не беше смотан старец со сателитска антена, туку хипстер-уметник со куќа на брегот на езерото…

Сподели на Facebook
пати видено