Жена која била слепа повеќе од 20 години си по повратила својот вид – откако паднала и си ја удрила главата во својот дом во Флорида, САД. Седумдесетгодишната Мери Ен Франко постепено ослепела откако `рбетот и бил повреден за време на сообраќајна несреќа во 1993 година.
И тогаш, повеќе од две десетлетија подоцна, се случила уште една несреќа и последователна несреќа која довела до враќање на нејзиниот вид, иако докторите сѐ уште се обидуваат да утврдат како точно се случило тоа.
„Бев целосно слепа – сѐ што можав да видам беше црнило“, споделува Мери Ен. „Се наоѓав во мојата дневна соба, и бев тргнала накај вратата. Стапалото ми запна на една плочка и се сопнав. Си ја удрив главата на тилот, и потоа си ја удрив главата и во нешто друго, можеби во каминот“.
По падот, кој се случил во август минатата година, г-ѓа Франко била парализирана и морала да носи лонгета сѐ до операцијата која била изведена пред неколку седмици. Но, како што била збунета, таа не сфатила што се случило веднаш.
„Погледнав кон нозете, лежејќи на креветот, и кажав: `Еј ти, дамо во виолетово, ќе ми дадеш ли нешто за болки?` Бев во толкави болки. Не бев баш фина – а секогаш сум фина“, раскажува Франко.
„Мојата внука праша: Што рече?! И јас сфатив дека можам да гледам. Ми дадоа уште лекарства и следното утро можев да ги видам дрвјата, и белите куќи долу под прозорецот во мојата болничка соба. Бев најсреќната жена на целиот свет. Беше прекрасно. Сите ми приоѓаа и ми велеа: `Ти си чудо, дамо!`
Неврохирургот д-р Џон Афшар, кој го изведувал оперативниот зафат, изјавил дека не очекувал дека операцијата ќе се одразина нејзиниот вид.
„Враќањето на видот на Мери Ен Франко е вистинско чудо“, изјавил тој. „Навистина немам научно објаснение за тоа.“
Тој кажал дека, според една теорија за исклучителниот настан, несреќата повлијаела на артерија и ограничениот крвоток во делот од мозокот кој го контролира видот.
„Можеби тоа било резултат на тоа што некоја артерија била превиткана, а потоа кога ја изведовме операцијата, не знаејќи за тоа, сме ја исправиле и крвниот сад повторно го воспоставил протокот на крв, и како последица на тоа, таа прогледала“, вели докторот.
Г-ѓа Франко е силен верник во Бог и враќањето на нејзиниот вид го припишува на нејзината вера. Таа раскажува за тоа колку била среќна што може пак да си го види семејството, и додава дека нејзиното прогледување го променила начинот на кој таа размислува за светот.
„Откога пак прогледав, сѐ ми изгледа многу помало. Ми се чинеше дека собата беше поголема…но тие не биле толку големи колку што си мислев. Сега видот ми е одличен, и покрај тоа што бев на очен лекар и тој ми кажа дека мора да направам операција за катаракта на двете очи. Но му кажав не – Ми се врати видот. Не планирам да правам операција на очите сега.“