Австралијанците ќе мора да плаќаат највеќе од сите други во светот за цигари, по плановите за огромно даночно зголемување коешто ќе ги покачи цените на цигарите до 29 евра по кутија. Во земјата веќе се продаваа некои од најскапите цигари во светот, при што во Мелбурн една кутија цигари е поскапа за 4.4 евра повеќе отколку во Лондон или Њујорк. Но, по планираните промени во оданочувањето кои се планираат до 2020 година, акцизите за тутунот ќе растат за 12.5 отсто секоја година во следните четири години.
Минатата година, според истражување на Дојче Банк, една кутија Марлборо во Мелбурн (16.7 евра) или Сиднеј (14.7 евра) чинеше двојно од цената на истите во Париз или Отава, а цените се астрономски во однос на евтините производи кои се нудат во Пекинг, Кејптаун или Џакарта.
Производителите на цигари прочадија од мака, додека поборниците за јавно здравје славеа во вторник вечерта кога австралискиот благајник Скот Морисон ги најави промените.
„Ова значи дека Австралија ќе го има највисокиот акцизен режим во светот“, тврди Ендрју Грексон, директор за законски и корпоративни прашања на Империел Американ Тобако.
Експерот за јавно здравје, Симон Чапман, професор при Сиднејскиот универзитет, се согласува дека во Австралија дефинитивно веќе цигарите се најскапи во целиот свет. По неа се наоѓа Норвешка.