Смртта на овие китови е симбол за шокантната човечка негрижа и незаинтересираност за морскиот жив свет. Во јануари 29 китови кашалоти биле најдени насукани на бреговите околу Северното Море, област која е премногу плитка за големите морски суштества. Неодамна беа објавени наодите од аутопсијата, при што научниците беа силно вознемирени од тоа што беше најдено во утробите на животните.
Според соопштение за печатот од Морскиот национален парк во Шлесвиг-Холштајн, стомаците на многу од китовите биле полни со пластичен отпад, вклучувајќи и тринаесет метри долга рибарска мрежа, 70 сантиметри долг пластичен автомобилски дел, како и други видови пластика. Некои сугерираат дека животните пластичните предмети ги помешале со храна каква што е лигњата, којашто е нивен основен извор на храна. Други пак сметаат дека ова во голема мера е резултат на шокантната човечка негрижа кон морскиот жив свет, кој резултира со преизобилство на пластика во океаните. Роберт Хабек, министер за природната околина за германската покраина Шлезвик-Холштајн го изјави следното:
„Овие наоди ни покажуваат кои се резултатите од нашето општество ориетирано кон пластиката. Животните несвесно ја јадат пластиката, што импричинува страдање, а во најлоши случаи тие изгладнуваат со полни стомаци“.
Ова не е првпат да биде најден кит со утроба полна со нераспадлива содржина. Во 2011 таков кит бил најден мртов крај брегот на грчкиот остров Миконос. Кога го нашле со толку подуен стомак, биолозите мислеле дека китот голтнал џиновска лигња. Но, кога му бил отворен стомакот, биле најдени речиси 100 пластични кеси и други видови отпад.