Се очекува до 2020 година „дигиталниот универзум“ да достигне 44 билиони гигабајти, што го надминува капацитетот за складирање на податоците. Наводно во обид да се надомести за овој недостаток на простор, истражувачите развиваат техника на складирање на дигиталните податоци во нишки на ДНК.
И порано имало обиди на остварување на оваа замисла, но сега истражувачите успешно енкодирале дигитални слики во нуклеотидна секвенца на нишки на синтетичка ДНК, по што го свртеле процесот обратно без никаква загуба на податоците. Вашингтонскиот универзитет во соработка со истражувачи од Мајкрософт работеле на собирањето на огромно количество дигитални податоци кои како такви би можеле да исполнат цел трговски центар, но компресирани ги собира во коцка шеќер.
„Животот го создал овој фантастичен молекул наречен ДНК, во кој ефикасно може да се складира секаков вид информации за вашите гени и начинот на работа на живите системи – тој молекул е многу, многу компактен и издржлив“, вели коавторот, проф. Луис Сиз.
Истражувачите започнале со претворање на долгите низи на единици и нули во дигиталните податоци во четирите основни блокови на ДНК секвенци – аденин, гуанин, цитозин и тимин. „Како ќе го направите тоа е од големо значење, бидејќи ако направите умен пристап, можете да го изведете тоа многу збиено и нема да добиете многу грешки“, вели проф. Џорџ Силиг, еден од учесниците во проектот.
Дигиталните податоци потоа биле поделени на делови и зачувани преку синтетизирање на огромен број мали ДНК молекули, кои можат да бидат дехидрирани и зачувани на подолг период, по што информациите можат да се повратат без никаква загуба во нивниот квалитет.