Човечкото тело е изненадувачки ранливо, но има луѓе кои уживаат да одат до границите на издржливоста. Од овие луди глави ние дознаваме како телото чудесно може да компензира во случај на изгладнетост или недостаток на кислород за да остане во живот најдолго што може. Ви претставуваме пет неверојатни подвизи на суперчовечка издржливост.
11 дена без спиење
Во 1965 година, 17-годишниот Ренди Гарднер поставил светски рекорд со тоа што останал буден 264, 5 часа или 11 дена и 24 минути. Но, немојте да го пробувате ова дома, бидејќи сонот е од основно значење за градењето на меморијата како и способноста за будност следниот ден. Со други зборови – и останувањето буден цела една ноќ е премногу за организмот.
22 минути без воздух
Најдолгото време кое човек успеал да издржи без воздух било кога данскиот нуркач Стиг Северинсен успеал да го задржи својот здив под вода цели 22 минути. Зошто не треба да го пробувате ова дома: без кислород, човечкиот мозок умира по околу четири минути. Северинсен ја измамил смртта затоа што претходно околу 19 минути дишел чист кислород, што неговото тело го снабдило со достаточно кислород за неговиот мозок да продолжи да функционира под вода.
18 дни без храна и вода
Во 1979 година, осумнаесетгодишниот Андреас Михавец бил заборавен во подрумска затворска ќелија сѐ додека случајно не бил најден осумнаесет дена подоцна. Ова не било никаков подвиг, туку чист чин на негрижа од страна на властите. На Михавец му биле потребни неколку седмици за да закрепне. Зошто ова не треба да го пробувате дома: водата е покритична од храната. Возрасниот човек се состои од околу 60 отсто вода, со која се подмачкуваат зглобовите, се исфрлаат штетните материи и се регулира телесната температура.
437.7 дена без гравитација
Лебдењето во вселената секако дека изгледа забавно, но не и доколку тоа трае 437.7 дена, што е светски рекорд за најдолгиот вселенски лет поставен од страна на рускиот космонаут Валери Полјаков во 1995 година. Добро, ова не можете да го пробате дома, но зошто воопшто не треба да се прави: човечкото тело е изградено да функционира под услови на Земјината гравитација. Без неа, мускулите на човечкото тело, вклучително и срцевите мускули, ја губат својата маса и силина.
Години без сончева светлина
Популарен подвиг кај зависниците од адреналин е да бидат живи закопани. Во 2004 година, чешкиот магионича Зденек Захрадка поставил светски рекорд откако минал десет дена закопан под земја во ковчег, при што имал цевка за дишење, но останал без сончева светлина, храна и вода. Но, светскиот рекорд за живеее без сончева светлина веројатно му припаѓа на едно дете. Во 2012 година руската полиција го открила постоењето на култ на живеење под земја во Татарстан, при што многу од децата членови на култот никогаш не го ни виделе сонцето.
Зошто не треба да го пробувате ова: сончевата светлина е важен извор на витаминот D, кој на телото му помага да апсорбира калциум за здрави коски. Исто така, тој го поттикнува лачењето на серотонин кој ги регулира сонот, расположението и апетитот.