Инженерите развиле нов материјал кој може водената пареа во воздухот да ја претвори во вода. Инспирирани од бубачка во Намибиската Пустина којашто во сувата средина преживува со кондезирање на водени капки на нејзиниот грб, тим истражувачи предводени од механичкиот инженер Кјо-Чул Парк успеале да развијат впечатлив нов материјал кој може да го прави истото. Материјалот, кој исто како и оклопот на бубачката е покриен со серија мали испакнатини, е десет пати побрз во претворањето на водената пареа во течност од било кој друг материјал кој ѝ е познат на науката.
Покрај тоа што ваквиот пронајдок може да биде многу полезен за било која машина на водно ладење, новиот материјал би овозможил да собира вода во пустините со помош на т.н. „фарми за влага“, слични како во „Војна на ѕвездите“.
„Јас сум голем фан на `Војна на ѕвездите` и можете да си замислите еден таков систем за кондензација како на планетата Татуин, кадешто пораснал Лук Скајвокер“, вели Парк. „Основната идеја е веќе тука: собирање на течна вода од водената пареа во воздухот во екстремно сушните региони.“