Иако онлајн купувањето денес е полесно од кога и да е, тоа доаѓа со своја цена: дигиталното плаќање е ранливо на хакерски напади и кражби на идентитетот. Мастеркард се обидува да ги направи онлајн плаќањата побрзи и побезбедни со нова технологија која на корисниците ќе им овозможи да ги верификуваат своите онлајн купувања со селфи или со отпечаток на прстот наместо употреба на шифра.
За да можат да докажат автентичност со помош на селфи, корисниците ќе треба од интернет да спуштат специјална апликација на нивните телефони, којашто ќе ја скенира фотографијата на корисникот и ќе потврди дека не се работи за измамник. Корисниците ќе треба да трепкаат за да потврдат дека фотографијата е нова, а не претходно зачувана на телефонот. Покрај можноста за препознавање на лицето и потврдување на идентитетот со отпечаток на прстот, Мастеркард истражува и нови начини на верификација, како чукање на срцето на корисникот, скенирање на окото или препознавање на гласот. Новите сигурносни мерки ќе бидат достапни за корисниците во САД, Канада, Велика Британија и низ Европа во текот на следните неколку месеци.