Доколку ве интересираат филмови во кои се прикажани измислени ликови кои преживеале апокалиптичен настан, ви предлагаме листа од дванаесет најдобри дистописки филмови кои би можеле да го привлечат вашето внимание и да ја задоволат вашата жед за постапокалиптична авантура, но и филмови кои претставуваат критика за правецот во кој е упатено човештвото.
1. Момче и неговото куче (A Boy And His Dog)
Во овој филм младиот Дон Џонсон игра скитник чијшто единствен пријател е неговото телепатско куче. Додека овие двајца невообичаени другари скитаат наоколу, налетуваат на чуден град во кој времето како да запрело во 1950-те.
2, Разбивач на снег (Snowpiercer)
Дејството во овој филм се случува во иднина, кога по неуспешен експеримент кој требало да го запре глобалното затоплување, предизвикува ново ледено доба, при што Земјата е покриена во мраз и снег. Единствените преживеани се наоѓаат во возот „Сноупирсер“ кој работи на принципот Перпетуум Мобиле. И покрај заедничката несреќа, луѓето во возот се поделени според нивниот социјален статус, при што во првиот вагон се најбогатите со сите привилегии, а најсиромашните на крајот на возот, што неминовно води до побуна.
3. Кралска битка (Battle Royale)
„Кралска битка“ е јапонски психолошки трилер од 2000 година, режиран од Кинџи Фукасаку, според истоимениот роман на Кушун Таками. При крајот на милениумот, нацијата пропаѓа. При 15 отсто невработени (за Јапонците ова е рамно на пропаст, што докажува дека ние сме поиздржлив народ од нив), 10 милиони луѓе ја изгубиле работата, а 800.000 ученици ја бојкотираат натавата. Возрасните ја губат самодовербата и почнуваат да се плашат од младите.
4. Смртоносна трка 2000 (Death Race 2000)
Ова е еден од најмрачните пост-апокалиптични филмови. Се организира трка во која возачите освојуваат поени со убивање на недолжни цивили со помош на нивните тркачки автомобили. Во филмот игра младиот Сталоне.
5. Спанко (Sleeper)
Еден од најпотценетите филмови, чиешто дејство е во далечната иднина, во кој Вуди Ален игра човек криогенички замрзнат во период од 200 години, за на крај да се пробуди во многу поразличен свет од тој кој останал зад него.
THX 1138
Филмот е режиран од Џорџ Лукас, продуциран од Френсис Форд Копола и по сценарио на Џорџ Лукас и Волтер Марч. Главните улоги ги толкуваат Роберт Дувал и Доналд Плезенс. Дејствието опишува дистописка иднина во која населението е контролирано преку полицајци андроиди, и е приморано задолжително да прима лекарства кои ги потиснуваат чувствата, вклучувајќи ги и забранетите сексуални односи.
7. Тие живеат (They Live)
Тие живеат е американски научно-фантастичен хорор филм на режисерот и сценарист Џон Карпентер од 1988 година. Главните улоги ги толкуваат Роди Пајпер, Кит Дејвид и Мег Фостер. Во филмот е нагласен стравот од економскиот колапс во рамките на алчната потрошувачка култура на Америка и консумеризмот, при што се открива дека припадниците на богатата владејачка класа всушност се вонземјани кои со помош на телевизијата и другите масовни медиуми управуваат со луѓето, испраќајќи им потсвесни пораки.
8. Метрополис
Нем германски филм од 1927 година во кој се опишува дистописка мрачна иднина, што всушност претставува сатира на класната структура во општдтвото. Во тоа време, ова бил најскапиот филм на сите времиња.
9. На плажата (On The Beach)
Еден од помалку познатите филмови, овој филм од 1959 година се одликува со одлична актерска екипа, меѓу кои Грегори Пек, Ентони Перкинс, Ава Гарднер и Фред Астер, кои играат преживеани на катаклизма во Австралија, обидувајќи се да преживеат додека ресурсите околу нив брзо се исцрпуваат.
10. Бегството на Логан (Logan’s Run)
Култна класика која ја раскажува приказната за идиличен град покриен со купола, во кој штом граѓаните ќе навршат триесет години, ги убиваат за да се спречи пренаселеноста. Мајкл Јорк го игра Логан, полицаец кој кога ја дознава вистината се побунува против системот.
11. Идиократија (Idiocracy)
Во овој филм, Лук Вилсон игра просечен човек кој се буди по 500 години во иднината, за да открие дека тој е најумниот човек кој останал на планетата, опкружен со општество на идиоти. Филмот претставува остра сатира на нашиот културен и интелектуален пад.
12. Гатака
Главната улога во филмот ја игра Итан Хок, играјќи човек кој живее во општество во кое „совршените“ луѓе се зачнуваат преку генетска манипулација, додека тој е зачнат на традиционален начин и се обидува да се избори против дискриминацијата на генетска основа.