Францускиот премиер Мануел Валс предупреди дека Европа „може да умре“ доколку не ги запре мигрантите да ги минуваат нејзините граници. Говорејќи за Би Би Си на годишната средба на Светскиот Економски Форум во Давос, Валс кажа дека Европа мора да им стави до знаење на бегалците дека не сите се добредојдени.
„Не можеме да ги прифатиме сите бегалци, ниту да кажеме дека секој кој бега од ужасната војна во Ирак и Сирија е добредојден во Европа…Првата порака која треба да ја пратиме најголема цврстина е дека сите бегалци не се добредојдени во Европа. Нашите општества ќе се дестабилизираат ако Европа не ги затвори своите надворешни граници. Европа може да умре…Ако Европа не е способна да си ги заштитува границите, тогаш самата идеја за Европа се доведува во прашање. Не нашите вредности, туку концептот за Европа на нашите основоположници, да, тоа е во голема опасност“.
Францускиот премиер дава три решенија кои, како што вели, Европа треба да ги примени за да се спаси себеси – да ги заштити своите граници со граничари, да ја порази ИСИС и да врати дел од бегалците во земјите од кои потекнуваат.
Последната точка е нешто што не го слушаме често од политичарите во последно време, а контекстот во кој е кажано тоа го прави уште поинтересно. Еве го цитатот во целост:
„Мора да им помогнеме на Јордан, Либан и Турција. Потребни се прифатни центри и центри за регистрација, и тие би можеле да бидат поактивни за да можеме да ги регистрираме мигрантите и да кажеме дека тие кои имаат право на азил се добредојдени, а другите не. Другите ќе бидат вратени во земјите од коишто потекнуваат.“
Валс е фрустриран од истата причина поради која се фрустрирани и други европски лидери – бегалската криза во голема мера излезе од контрола. Откако германската канцеларка прифати огромен број на бегалци минатата година, другите европски земји не можеа многу да приговараат за тоа. Запрашан за одлуката на Меркел, еве што вели Валс.
„Јасно знаеме дека после инцидентот во Келн, со постојаниот прилив, не само Германија, туку и северна Европа, Австрија и Балканот се соочуваат со потреба да се најде практично решение за заштита на нашите граници.“
Мигрантската криза ги истакна тензиите помеѓу европските лидери и сѐ повеќе политичари го преиспитуваат ентузијазмот со кој беа примени мигрантите.