Дејвид Боуви направил тајно последно патување во Лондон за да им ги покаже местата кои му значеле на неговата сопруга и неговата ќерка, како и да се збогува со својот роден град откако му дијагностицирале рак. Иконската рок ѕвезда, чијашто смрт оваа недела го шокираше светот, своите последни години ги проживеа во Њујорк, заедно со неговата сопруга Иман и петнаесетгодишната ќерка Лекси, кадешто живеел живот на семеен човек. Но набргу откако му бил најден рок, тој го одвел своето семејство да го види градот кој од него направил ѕвезда, посетувајќи ја Лондонската кула, Лондонското око, како и куќата во Брикстон кадешто се родил.
Морал да го надмине својот страв од летање за да му го каже последното збогум на градот, престојувајќи во хотелот со пет ѕвезди, Џумеира Карлтон Тауер во Најтсбриџ. Но, патувањето било чувато во целосна тајност од јавноста – и тој дури успеал да избегне да биде препознаен додека ги посетувале познатите туристички места, и покрај светската слава на него и неговата жена.
Боуви се родил како Дејвид Роберт Џонс на 8. јануари, 1947 година во Брикстон, јужен Лондон од мајката Маргарет „Пеги’, келнерка по професија, и таткото Хејвуд „Џон“ Џонс, добротворен работник. За време на патувањето пред осумнаесет месеци, Боуви и неговото семејство ја посетиле куќата кадешто се родил, на само неколку минути од местото кадешто илјадници се собрале да му оддадат почит на „нашето момче од Брикстон“, по веста за неговата смрт. Семејството Џонс се преселило во Плејстоу Гроув во Бромли, југоисточен Лондон кога Дејвид имал шест години, место коешто исто така се нашло на неговата маршрута во 2014 година, за време на што ги посетувал местата кои го обликувале неговиот ран живот.
Потоа го посетиле Фоксгров Роуд во Бекенхем, кадешто Дејвид живеел во март 1969 година, пред да го издаде Спејс Одити. Ќерката Александија, позната како Лекси, којашто тогаш имала тринаесет години, го сликала Дејвид пред куќата во Бекенхам. Иако неговата дијагноза се држала во тајност, Иман открила за деталите на патувањето во интервју истата година, во времето кога му била дијагностицирана болеста. Со приватен авион одлетале до аеродромот Лутон – подобро познат како аеродром за нискобуџетни летови, пред да отседнат во хотелот Најтсбриџ, кадешто цената на ноќевање започнуваат од 300 фунти, и завршуваат на 1800 фунти.
Иман изјавила: „Заминавме ова лето, и никој не знаеше дека сме таму. Летавме со авион до Лутон и секој ден правевме различни нешта, а печатот никогаш не дозна.“
Потоа зборувала како можеле да шетаат низ Лондон анонимно, движејќи се слободно без никој да ги препознае. „Апсурдна е таа помисла дека славните личности не можат да бидат анонимни. Дури појдовме и на Лондонското Око. На ред чекавме одвоено. Лекси со себе имаше пријателка и тие заедно отидоа со телохранителот, и потоа се сретнавме со нив кај тркалото.“
Запрашана дали Лекси уживала во посетата на градот на нејзините предци, Иман вели: „Да! Тој ја одведе во Бекенхам. Се сликаа пред куќата во која израснал.“ Според топ моделката, семејството размислувало да се пресели во Лондон, па дури купиле и куќа таму, но сепак останале во Њујорк. За време на својата младост во Лондон, Боуви формирал повеќе бендови и ја предводел групата со име Дејви Џонс, за подоцна да го смени своето име Дејвид Боуви за да не го мешаат со Дејви Џонс од групата Манкис. Се вели дека инспирацијата ја добил од нож, дизајниран во деветнаесеттиот век од американскиот пионер Џим Боуви.