Автобиографијата на Адолф Хитлер под наслов „Mein Kampf“(Мојата борба) доживеа инстант распродажба веднаш откако за првпат по Втората светска војна се најде во книжарниците во Германија. Биле направени 15.000 нарачки пред пуштањето во продажба, иако првичниот тираж изнесувал 4000 примероци, при што еден примерок бил препродаден на Amazon.de за 9,999.99 евра.
Јан Кершоу, Британец кој е еден од водечките биографи на Хитлер, присуствувална презентацијата на книгата во петокот, при што изјавил дека е „крајно време за стриктно академско издание на `Мојата борба` да биде достапно за јавноста. Со години сметав дека предолго се одолговлекува со кревањето на забраната за издавање на книгата“. вели Кершоу. „Долгорочно гледано, цензурата секогаш е бесмислена во слободно општество, и само придонесува во создавањето на негативен мит, правејќи го забранетиот текст помистериозен и будејќи неизбежна фасцинација со недостапното.“
Главната еврејска група во Германија, Централниот совет на Евреите, изјави дека нема приговор за критичкото издание, но силно ги поддржува тековните напори да се спречи било какво ново издание на „Мајн Камф“ без белешки во текстот. Јозеф Шустер, претседател на Советот, вели дека се надева дека критичкото издание ќе „придонесе за разобличувањетона Хитлеровата нечовечка идеологија и борбата против антисемитизмот.“
Ќе бидат објавени и 2000 примероци од двотомна анотирана верзија на „Мојата борба“ од 2000 страници, после тригодишна работа на научниците од Минхенскиот институт за современа историја. Новата верзија ќе чини 59 евра и содржи околу 3500 белешки. Авторите сметаат дека критичкото издание ќе служи за „деконструкција и ставање во контекст на Хитлеровите писанија“.
Анотираната верзија ги согледува клучните историски прашања, велат од институтот, како на пример: „Како се родиле неговите тези? Какви цели имал? И најважното, какви контраргументи имаме, со оглед на денешното знаење, за безбројните тврдења и лаги на Хитлер?“
Министерката за образование Јохана Ванка смета дека ваквата верзија би требало да биде вклучена во сите училници низ Германија, велејќи дека ќе послужи да се осигура дека „хитлеровите коментари не останат непредизвикани“.
„Учениците ќе имаат прашања и најправилно е на тие прашања да се одговори на часовите“, изјавила таа.
Но, еврејската заедница во Германија го критикуваше решението да се препечатува книгата, поставувајќи го прашањето дали е потребно да повторно да се пропагира распалувачкиот текст.
Шарлот Конблох, лидер на еврејската заедница во Минхен, вели дека не може да замисли да ја види „Мојата борба“ на излозите. Роналд Лаудер, претседател на Светскиот еврејски конгрес, изјави дека „преживеаните од Холокаустот не само што ќе бидат навредени од повторното продавање на антисемитската книга во книжарниците“, туку и дека не гледа потреба за критичко издание.
„За разлика од други дела коишто навистина заслужуваат да бидат преиздадени како анотирани изданија, „Мајн Камф“ не заслужува“, вели тој, сметајќи дека академците и историчарите веќе имаат лесен достап до текстот.
Верзии на книгата ќе се најдат на полиците и во Франција, предизвикувајќи негодувања во еврејската заедница во таа земја. Роже Кјукиерман, претседател на Советот на еврејските институции, планираното француско издание на „Мајн Камф“ го нарече „катастрофа“. „Тој ужас веќе може да се најде на интернет. Што ќе се случи кога Мајн Камф ќе стане и четиво за пред спиење?“, вели тој.