Жените кои во јавност носат превези кои им го покриваат целото лице во Швајцарија ќе бидат казнувани со казна од 10.000 франци (нешто помалку од 10.000 евра), според новите правила воспоставени со локален референдум.
На муслиманките ќе им биде забрането да носат бурка во продавници, ресторани и јавни згради во италијанскиот кантон Тичино. Локалната власт во јужниот швајцарски кантон ја одобри забраната откако во септември 2013 година две-третини од гласачите го одобриле овој потег.
Од овој закон не се исклучени ниту туристите кои ја посетуваат областа. Минималната казна изнесува 100 франци, а максималната 10.000. Швајцарскиот парламент вели дека забраната не го нарушува федералниот закон, но сѐ уште не е познато кога новите правила ќе стапат во сила. Посетителите кои ќе доаѓаат во Тичино ќе бидат известувани на аеродромот и од цариниците на италијанската граница дека е незаконски да се крие лицето под бурка или никаб, додека се во државата. Оваа забрана е слична на легислацијата во Франција, според која жените кои носат бурки би можеле да бидат казнети со почетна казна од 50 евра, а којашто може да биде зголемена до 215 евра.
Францускиот парламент ја изгласа оваа забрана во 2010 година, што доведе до протести од исламски групи кои се жалеа дека ова е дискриминација. Обидот на британски законски тим да се отстрани француската забрана за покривање на лицето на јавни места поминал неуспешно. Во образложението за оправданоста на казната се вели дека „правото на луѓето да живеат заедно е легитимна цел, а жените од исламска вероисповест коишто го покриваат своето лице го загрозуваат тоа.“