Колку пати до сега ви се случило да седнете да си ги сработите работните обврски, и по „отепување од работа“, сте завршиле помалку од очекуваното? Дали одвојувате голем дел од времето за работа, а пак ви се чини дека едвај сте ја начнале работата? Дали секогаш ви останува нешто за следниот ден? Дали на крајот на денот се чувствувате исцрпено наместо да се чувствувате задоволно и исполнето од постигнатото? Ова е знак дека не земате доволен број на паузи – или пак не ги искористувате ефективно.

Претставата за зафатеност ја сметаме за вредна, а паузирањето или одвлекувањето на вниманието во друга насока го гледаме како проблем.

pauza

Но, во реалноста одморот и релаксацијата се алатки со кои нашето тело и ум очајно сака да нѐ натера да ги користиме. Повеќето од нас сме свесни дека одморот од физичката работа е неопходен за закрепнување и за спречување на повреди. Но и земањето одмор од умствената работа е исто толку полезно, и може значително да ја поттикне нашата продуктивност.

1. Правењето пауза на секој час ја зголемува работната продуктивност

Неодамнешни истражувања покажуваат дека тие кои на секој час ќе направат пауза и ќе се занимаваат со нешто друго, по паузата поуспешно ги извршуваат своите задачи. По извесно време, нашиот мозок отрпнува на постојаната стимулација и стануваме неспособни задачата со која се занимаваме да ја сметаме за важна. Паузата ни овозможува да се навратиме на работата со обновена енергија и чувство на цел.

2. Паузата може да послужи како креативно гориво

Колку и да си ја сакате работата, не можете да создавате кога сте празни. Понекогаш нешто толку едноставно како разговор со пријател, или гледање на инспиративно видео може да ни го пружи толку потребниот поттик и инспирација, или да не насочи во нов правец кога сме заглавени. Да се видат нештата од поинаков агол е тешко кога постојано го правиме истото. Тргањето чекор на страна – буквално и фигуративно – може да биде токму она што ни е потребно за да си ги наполниме батериите.

3. Телесното движење ни помага да сме умствено будни

Не сме создадени да седиме по цел ден. Покрај тоа што седењето се одразува лошо на нашите тела, тоа не помага ни на нашата креативност и продуктивност. Станувањето на неколку минути и раздвижувањето на крвта, снабдувањето на нашиот мозок со кислород, тоа е неизоставен дел од нашиот работен ден.

4. Попладневниот чај ни дава многу повеќе од доза кофеин

Здравствените придобивки кои ни ги носи чајот не се само од антиоксидансите во него. Паузата од работата, како што спомнавме, е првиот чекор во вистинската насока. Наместо моменталното задоволување со грицки или брза храна, подготвувањето чај изискува време. Процесот на правење и пиење на чајот ни овозможува да забавиме и да ја направиме потребната пауза, а малото количество кофеин и хидрирање на телото исто така е голема помош.

5. Напорното вежбање ни помага во напорната работа

Ако имате типично попладневно опаѓање на енергијата, размислете за попладневно вежбање. Истражувањата покажуваат дека умерената кардио активност може да ја поттикне креативноста и продуктивноста во следните неколку часа. Плус тоа, промената на местото може да биде токму тоа што ви е потребно по неколкучасовната напорна работа.

Следниот пат кога ќе се чувствувате виновни поради тоа што сте си дозволиле пауза во текот на работното време, земете предвид колку ефективна е таа на долгорочен план.

Сподели на Facebook
пати видено