Со нивната височина на дрво, тенките нозе и чудниот начин на движење, жирафите се жив пример за несмасност. Но, дали нивното сексуално однесување вклучува малку поелегантни дејствија, спротивно на тоа што би можело да се претпостави имајќи го предвид нивниот изглед?
Како и луѓето, жирафите се парат низ целата година, иако има некои индикации дека најчесто се парат во периодите кога има изобилство на храна. Високите копитари живеат во заедници коишто постојано се менуваат, и благодарение на тоа жирафите можат да си најдат соодветен партнер.
„Најдобриот начин да се опише тоа: Жирафите живеат како да се на вечна коктел забава“, вели Фред Беркович, биолог при универзитетот во Кјото, Јапонија, кој ги истражувал репродуктивните и социјалните однесувања на жирафите. „На коктел забава ќе видите дека некои луѓе кои се како пеперутки, кои минуваат кратко време со голем број на луѓе, и такви кои минуваат подолго време со помал број на луѓе. А исто така има и такви кои бараат авантура за една ноќ. Слично како и личноста која ќе појде на забава и ќе си разговара со луѓето, за да види кој е заинтересиран, исто и мажјакот жирафа ќе се движи низ стадото за да најде женки приемчиви за парење“, вели Беркович.
Сексуалниот лов почнува така што мажјакот со својата глава ги мушка женките во задниот дел. Некои женки одговараат така што ги шират нивните нозе и уринираат, при што мажјакот ќе ја крене горната усна, ќе ги рашири ноздрите и ќе вдише. Тој дури може и да ја вкуси урината за да види дали женката е подготвена за парење.
Женките имаат двонеделен полов циклус, но се плодни само во период од помалку од четири дена. Овој циклус се повторува сѐ додека женката не забремени. Урината им помага на мажјаците да препознаат кога женката се наоѓа во овој период. Штом ќе најде таква женка, тој застанува зад неа, и изгледа како статуа – опишува Беркович. Женката можеби ќе избере да си замине, на пример во потрага по храна, но мажјакот ќе ја следи и пак ќе застане зад неа, во поголемиот број случаи цело време со ерекција. За да ѝ стави до знаење дека е расположен за парење, тој од време на време ќе ги потчукне нејзините задни нозе со неговите предни нозе.
Иако мажјаците се борат за доминација и територија со жестокото замавнување на нивните глави во телото на противникот, до сега не е забележано мажјаците да се борат за женка. Не е јасно какви квалитети бара женката во мажот, и дали воопшто има некаков критериум.Со оглед на краткиот период на плодност, можеби се задоволуваат со секој оној кој преживеал доволно долго да достигне полова зрелост. Женката мора целосно да соработува со мажјакот, при што честопати мора да ја издржува неговата тежина која е и за половина поголема од нејзината тежина. По успешната пенетрација, мажјакот ејакулира речиси веднаш, најчесто во рамките на две секунди.