Неизбричен, со густа црна запуштена коса, валкано палто и нокти пожолтени и потемнети од мешавина од никотин и маслени бои, човекот изгледал како олицетворение на сиромашен уметник од Париз. Негови свратилишта биле баровите и кафеаните во боемската област Монпарнас во Париз, кадешто ќе го пиел пијалокот кој создава зависност, апсинт, сѐ додека не останел без пари. А кога тоа ќе се случело, ќе ја проституирал својата дарба за неколку франци за неговите следни неколку чаши со демонскиот алкохол.

Иако тоа било летото 1917 година, во екот на Првата светска војна, Париз вриел од туристи. Кога некој од тие добро нафатирани посетители ќе седнел крај него во неговиот омилен бар, Ротонда, тој набрзина ќе скицирал негов портрет и потоа ќе му го понудел со натрапчивиот пијан глас. „Јас сум Модилјани“, ќе речел тој, „Евреин. Пет франци.“

Името најчесто ништо не им значело на туристите, но дури и најнепроникливите можеле да видат дека неговите цртежи имаат нешто во себе. Можеби ќе им ги направел главите премногу издолжени, или нивните очи ќе ги оставел празни поради некоја причина, но со оглед на тоа дека петте франци кои не вределе повеќе од денешни 70 евра, портретот им се чинел како добар сувенир.

md01

Денес, се разбира, името Модилјани е добро познато и неговите дела се продаваат за многу повеќе од неколку чаши алкохол. Во понеделник вечерта во Љујорк, аукциската куќа Кристис продаде една од неговите слики, „Лежечкииот Акт“, на кинескиот милијардер Лиу Јичијан за неверојатни 160 милиони евра. Уметничкото дело, едно од неговите најпознати и најдобри дела, ја претставува вистинската комбинација помеѓу „реткост, квалитет и убавине сите заедно претставени во еден предмет“, велат од Кристис. Неговата астрономска цена значи дека Модилјани е авторот на втората по ред најскапа уметничка слика во историјата на уметноста, зад „Алжирките“ на Пабло Пикасо којашто во мај се продаде за 167 милиони евра.

И покрај огромните суми за кои сега се продаваат сликите на Модилјани, тој останува многу позагадочна фигура од Винсент Ван Гог или Пикасо. Но, краткиот и бурен живот на италијанскиот сликар и скулптор – исполнет со алкохол, дроги, жени и насилство – е исто толку фасцинантен колку што се фасцинантни и неговите слики.

md02 md03

Беатрис Хејстингс, жената кои ги инспирирала некои од најдобрите дела на сликарот и скулптор Амадео Модилјани

Роден во буржоаско, но сиромашно семејство во 1884 година, Амадео Модилјани пораснал во пристанишниот град Ливорно во Италија. Неговите родители биле сефардски Евреи, а бизнисот со изнајмување на земјиште на неговиот татко Фламинио пропаднал непосредно пред да се роди Амадео. Според семејната легенда, во моментот кога неговата мајка Евгенија се породувала, во нивниот дом влегле судски извршители. Во тоа време законот во Италија забранувал да се заплени било што од креветот на бремена жена, па така семејството го наполниле креветот на Евгенија со вредните работи кои ги поседувале.

Младиот Модилјани бил болникаво дете. На единаесетгодишна возраст заболел од плеврит – воспаление на ципата на белите дробови. Иако ја преболел болеста, тој никогаш не успеал целосно да закрепне. Во неговите тинејџерски години претрпел оштетување на белите дробови коешто подоцна се развило во туберкулоза – во тоа време речиси неизлечива болест. За да му помогне да оздрави, Евгенија го повела нејзиниот син на пат. Модилјани веќе гледал на себеси како на сликар, но исто така бил и голем заводник. На шеснаесетгодишна возраст го направил своето прво од неговите многу љубовни освојувања, заведувајќи туристка од Норвешка за време на патување до Капри заедно со неговата мајка.

md04

До неговите рани дваесетти години, Модилјани студирал и сликал во неговата родна Италија, но како што бил случајот со многу амбициозни уметници од тоа време, имало само едно место кадешто вредело еден уметник да замине – Париз. Модилјани пристигнал во 1906 година. Со неговиот црномурест добар изглед, сомотското палто, шапката со широк обод и црвениот шал, тој повеќе личел на надмено конте отколку на некој истрошен боем. Издршката од неговата мајка значела дека тој можел да си ги дозволи сите животни неопходности, но Модилјани набргу осознал дека таа не стигнувала за нешто за што развил силна навика – хашишот. Нема никаков сомнеж дека младиот сликар бил навлечен на дрогата, при сѐ што историчарите на уметноста спорат во врска со тоа колкаво влијание таа извршила врз неговото дело.

Една ноќ, додека бил под силно влијание на наркотикот, тој за прв пат нацртал скица на жена со долг врат налик на лебед. Тие долги вратови подоцна ќе станат негов препознатлив знак, а такво нешто се забележува и во „Лежечкииот Акт“.

Покрај усовршувањето на неговото сликарство, тој исто така ја практикувал и неговата друга уметност – сексот. Во 1910, на 26-годишна возраст, започнал страсна врска со 21-годишната руска поетеса Ана Ахматова, која била во брак едвај една година. Но, таа била среќна да ја игра боемската улога на нејзиниот љубовник. Двојката ќе рецитирала поезија, ќе шетале по месечина, посетувале галерии и воделе љубов. Но, врската траела само една година, бидејќи Ахматова премногу често ќе се нашла на остриот крај на незгодниот темперамент на Модилјани. Токму во тоа време уметникот почнал да се спушта во темниот свет на хашишот, апсинтот и кокаинот. Овој коктел на опојни средства не само што го правел насиле – во една прилика нападнал некого со противпожарен апарат – туку и дополнително му го ослабел телото сѐ уште измачувано од туберкулоза. Понатаму, тој сѐ повеќе влегувал во неволји. Често го наоѓале како танцува гол на улица, а во една прилика чистачите го извлекле неговото комирано тело од контејнер.

md05

За време на аферата со егзотичната проститутка наречена Елвира, двојката минувала часови во неговото студио дрогирајќи се до бесвест, при што нивниот најомилен стимуланс бил кокаинот. Но и покрај нискиот стил на живот, Модилјани успеал да развие висок уметнички стил. Неговиот талент бил препознат од уметнички авторитети како Реноар, но Модилјани никогаш не успеал да се стекне со слава за време на неговиот живот. Се чинело дека внесува повеќе енергија во жените отколку на платното. Една од неговите љубовници, англиската поетеса Беатрис Хејстингс, го сметала за „грд, свиреп и алчен“ (таа самата била опишувана како незапирлива секс машина која имала наклоност да шета по Париз носејќи шапка полна со живи диви патки).

Љубовниците имале доста насилна врска, при што сликарот често ја влечел својата љубовница за коса. Во една прилика Модилјани ја исфрлил од прозорецот на приземје, при што како што забележал некој минувач, „сѐ што останало видливо од Беатрис, биле нејзините нозе, закачени на прозорецот – остатокот се наоѓал во градината“. Нивната врска не траела долго.

md06

Најголемата љубов на Модилјани била младата француска сликарка Жан Ебитерн, за која се вели дека ја силувал за време на нивниот прв состанок, кога таа имала само дваесет и една година. И покрај тоа, започнале љубовна врска. За време на тој период, од 1917 до 1920 година, Модилјани ќе го наслика своето најдобро дело, Лежечкииот Акт, кој без сомнеж е ремек-дело.

Во тоа време сликата се сметала за скандалозна. Кога за прв пат била изложена покрај неколку други негови голи актови за време на неговата соло изложба, полицијата ја затворила истата. „Тие голи жени“, се пожалил еден полицаец, „па тие имаат срамни влакна!“ Сликата била револуционерна за публиката навикна на поформални, класични голи актови. „Лежечкииот Акт“ и многу други слики на Модилјани лачат сирова сензуалност, и биле омаж на сексот кој тој толку многу го сакал.

Во ноември 1918 Жан родила ќерка, којашто исто така ја нарекле жан. Поради хаотичниот и развратен стил на живот на двојката, бебето било пратено да живее со дадилка. Трагично, Модилјани малку имал можност да ја запознае својата ќерка. Во јануари 1920 година почнал да искашлува крв и му бил дијагностициран туберкулозен менингитис, туберкулозна компликација кога бактеријата ќе мигрира до заштитната обвивка на мозокот. Болеста го убила на 24. јануари 1920 година, на само 35-годишна возраст.

Жан била крајно безутешна и се заканувала дека ќе изврши самоубиство. И покрај тоа што пријателите се обиделе да ја спречат, следното утро таа скокнала од прозорецот на четвртиот кат и се убила себеси и нероденото дете кое го носела – била во поодмината бременост. Модилјани бил закопан на гробиштата Пер Лашез во Париз. Набргу по неговата смрт, уметничкиот свет почнал да забележува што изгубил. За неколку години неговите платна почнале да се продаваат по цена од денешни 1500 евра – многу повеќе од петте франци кои ги наплаќал во кафеаната Ротонда.

Сподели на Facebook
пати видено