Ова е приказната на едно момче за напуштената мачка која живеела во неговото соседство. Не е познато името на авторот, ни каде се случувала, но едно е сигурно – во неа би можеле да е препознаат луѓе и животни од целата планета. Приказната ја пренесуваме во целост, а вие пред читањето подгответе шамивчиња, за секој случај…
Во зградата во која живеам сите го викаа Грдиот. Тоа беше еден локален напуштен мачор. Добро умееше да прави три нешта: да се бори со другите мачки, да копа по сметот и да сака. Комбинацијата на овие три нешта навистина влијаеше да го добие прекарот Грдиот.
Имаше само едно око, а на местото кадешто требаше да стои другото имаше дупка. На истата страна на која недостасуваше окото немаше ни уво. Неговата лева нога некогаш била скршена, па зараснала лошо. Затоа Грдиот и кривеше. Беше со темно-сива тигреста боја, но на главата и грбот имаше лузни од уличните судири со други мачки. Кој како ќе го видеше, реакцијата беше иста – „О, колку грда мачка!“
Сите деца беа предупредувани да не го допираат и да не му приоѓаат.Тие го гаѓаа со камења, а кога ќе пробаше да влезе во нечија куќа, со вратата ќе му ги приклештеа шепите.
Грдиот секогаш реагираше исто. Кога го поливаа со вода стоеше мирно сѐ додека не престанат. Кога го гаѓаа со камења, ќе се стуткаше чекајќи да мине нападот.
Сакаше да гледа како си играат децата од соседството. Понекогаш ќе им се приближеше и ќе се протриеше од нивните нозе како да ги тера да го погалат. Кога некој ќе го кренеше и потпреше на градите, ќе почнеше да го сиса крајот на кошулата или обетката, што и да дофатеше.
Еден ден Грдиот сакаше да ја сподели својата љубов со соседското хаски. Песот не одговори баш најљубезно на гестот на мачорот. Го нападна, а јас од својот стан можев да ги слушнам неговите повици за помош. Веднаш се стрчав низ степениците.
Лежеше на тротоарот во неприродна положба. како `рбетот да му беше скршен. Го подигнав, а тој сѐ уште преплашен, дишеше тешко. Помислив дека сум го повредил кога го подигнав и го спуштив на рамето, а тогаш почувствував како ми го сиса увото. Тоа беше познато и топло чувство – дури и во толкави болки измачениот мачор бараше малку нежност!
Тогаш за првпат помислив дека Грдиот всушност е најпрекрасното суштество кое сум го видел! Не се обиде да ме изгребе, не се опираше, напротив – потполно ми веруваше. Ете, целото тоа време го викавме Грд, а тој имал најубава душа.
Умре во мојата прегратка пред да успеам да стигнам во станот и да повикам помош. Седев во фотелјата и го држев неговото тело размислувајќи како еден измачен скитник за секунда успеа да го смени моето мислење за тоа колку е важно да се има чистота на духот и да ѝ се препуштиш на љубовта без резерва.
Грдиот ме научи за животот и сочувството повеќе отколку што би можеле да ме научат илјада книги на светот. За тоа секогаш ќе му бидам благодарен.
Многумина би сакале да бидат богати, успешни, сакани, поубави, а јас од денес ќе се трудам да бидам Грдиот!