Лулајќи ја својата новородена ќерка, Брин Џонсон ја претставува радоста којашто конечно ѝ стави крај на годината исполнета со незамислива болка. Само пред една година, животот на младата мајка бил скршен на парчиња кога нејзината најдобра пријателка Кејси Милер случајно ја прегазила и убила нејзината седумнаесетмесечна ќерка Ровин.
Но, на 15. октомври, 32-годишната жена ја родила прекрасната ќеркичка Минроу и денес открива дека нејзината пријателка Кејси, којашто е исто така на 32-годишна возраст, била една од првите луѓе коишто ја виделе приновата во семејството.
Во ексклузивно интервју, Брин открива сѐ за нејзиното емотивно раѓање, за сличностите коишто Минроу веќе ги има со својата постара сестра којашто никогаш нема да ја запознае и за нејзиниот ужасен страв кога бебето своите први дваесет и четири часа морало да ги мине на интензивна нега.
Брин, која живее во Тенино, Вашингтон, заедно со нејзиниот сопруг, 35-годишниот Коди, и со нејзиниот син, изјавила:
„Раѓањето на Минроу беше неверојатно емоционално за сите нас. Се роди во истата болница во која ја родив Ровин и за време на породувањето пак го проживеав тој прекрасен момент. Ја ставив сликата на Ровин во болничката соба и можев да го почувствувам нејзиното присуство, како е заедно со нас за да се увери дека сѐ поминало добро. Секој ден откако се роди Минроу, моето срце се чувствува сѐ подобро. Сѐ уште многу ми недостига Ровин, но во моето срце знам дека таа има голема заслуга во пристигнувањето на ова совршено мало бебенце во нашето семејство.
Како никогаш досега чувствувам дека таа е секоја секунда со нас, внимавајќи на нашето семејство. Чувствувам како да имаме личен ангел чувар и ми носи утеха кога знам дека таа ќе стори сѐ одозгора за нашето семејство да биде безбедно Го одбравме името Минроу, бидејќи тоа е речиси анаграм на името на Ровин, едноставно се чинеше како совршено.“
Иако породувањето минало брзо и лесно, Брин раскажува како нејзината радост се претворила во страв кога Минроу веднаш по нејзиното раѓање била однесена на интензивна нега.
„Породувањето мина добро, но одеднаш докторите ми кажаа дека има течност во белите дробови и дека треба да се приклучи на апарат за дишење“, раскажува Брин. „Тоа беше крајно тешко за мене и Коди, бевме толку исплашени дека нешто тргнало лошо. Морав да останам неколку часа во болничката соба за да закрепнам пред да ми дозволат да ја видам за прв пат. И тогаш се скршив, се стопив и ми навреа солзи радосници кога своето прекрасно девојченце за прв пат го видов како што треба.
Беше застрашувачко да гледам како од носот ѝ излегуваат цевки,но докторите нѐ уверуваа дека наскоро сѐ ќе биде во совршен ред со неа. За среќа, имаа право и по дваесет и три часа таа беше со нас во нашата соба, стабилна и среќна.“
Брин раскажува како само по неколку часа, бебето веќе ја потсетува на Ровин.
„Минроу го има најслаткото однесување исто како нејзината дадичка. Има темно кафеава коса како нејзиниот татко, што нѐ воодушеви, бидејќи нашите други деца се родија русокоси, на мене. Ја има и истата црномуреста кожа како нејзиниот татко. Но, иако е плукната на нејзиниот татко, сепак ја има брадата на Ровин и мислам дека имаат и исти усни, но тешко е да се каже тоа кога се сѐ уште мали.
Многу е мирна и малку плаче. До сега е лесно со неа, освен тоа што мамичка мора пак да се навикне на неспиењето. Љубопитна сум да видам дали Минроу повеќе ќе личи на Ровин како што расте.“
16. септември 2014 година бил денот кога животите на Брин и Кејси засекогаш биле изменети. Кејси го зела Вајат, синот на Брин, за да го одведе во забавиште заедно со нејзиниот син Истон, кога случајно ја прегазила Ровин. Потсетувајќи се на тој ден, Кејси, којашто живее со нејзиниот сопруг, 32-годишниот Арон и нејзините двајца синови, раскажува:
„Вајат плачеше, бидејќи не сакаше да оди во забавиште, па така Брин и јас сторивме сѐ за да го внесеме во автомобилот. Брин отиде зад куќа за да го донесе неговото седиште. Тогаш Ровин излегла и се симнала по скалите. Кога тргнав со автомобилот мислев дека таа е на тремот. Но одеднаш почувствував удар и двете момчиња прашаа: „Што беше тоа?“ Никогаш нема да го заборавам мигот кога погледнав во ретровизорот и го видов безживотното тело на Ровин на патеката. Ја видов во исто време кога ја виде и Брин. Излетав од колата и кога ја зедов од рацете на Брин за да ја легнеме на тревата и да ѝ дадеме прва помош, видов дека белата наметка на Брин е покриена со крв. Тогаш и Коди излезе од куќата и очајнички се трудевме да ја спасиме. Пристигна и брзата помош и додека се трудеа најмногу што можат, паднавме на колена и се молевме за чудо.“
За жал, чудото никогаш не пристигнало и болничарите им кажале дека Ровин починала како последица на ударот на автомобилот. Тогаш животите на Кејси и Брин се распрснале на милиони парчиња. Кејси раскажува:
„Се сеќавам дека кажав – Многу ми е жал, толку многу ми е жал – и се расплакав и врескав. Бев во шок и не можев да поверувам што се случи. Секој ден ме измачуваше тоа што го сторив и вината е огромна.“
Сепак, и покрај трагичниот настан тој ден, пријателството помеѓу жените станувало сѐ поцврсто и поцврсто. Брин никогаш не ја обвинувала Кејси за тоа што се случило, туку се обвинувала себеси. Двете пријателки формирале добротворна организација во чест на Ровин, која ја нарекле „Подари за Ровин“ и е посветена за помош на други семејства кои се соочиле со болката да изгубат дете.
И Брин токму прво со Кејси сакала да ја сподели радоста кога се родила Минроу. „Таа веднаш ја засака исто како што ја засака и Ровин. Беше многу емоционално за неа исто така и беше прекрасно да се види љубовта во нејзините очи кога за прв пат ја зеде в прегратка.“