За да ја решат кризата со вдомување како и со зголемената побарувачка за еколошки и економски исплатливи решенија, многу архитекти експериментираат со 3D печатење.
Еден таков дизајнер е МА Јихе, сопственик на приватната фирма ВинСун. Според Би-Би-Си Њуз, во ВинСун успеале да произведат десет еднокатни куќи за само еден ден – монументално достигнување. За таа цел компанијата употребила четири принтери од 10 х 6.6 метри за да напрскаат смеса од цемент и градежен отпад за да ги изградат ѕидовите, слој по слој.
Енергетски ефикасните згради, како што известува новинската агенција Ксинхуа, можат да бидат изградени по неверојатно ниска цена од 5000 долари, што се должи на немањето потреба од човечки труд, како и евтиниот и рециклиран материјал.
Иновативниот дизајнер се надева дека еден ден во иднината, 3D принтерите ќе бидат употребувани да се градат и облакодери. Неговите амбиции ќе мора да почекаат, сепак, бидејќи кинеските закони во моментот не дозволуваат повеќекатни градби изградени на овој начин.
Постои и уште еден проблем. Имено, 3D принтерите сѐ уште не можат да се применат за задачи како поставување покриви, па за овој детал мора да се погрижи тим работници.
Позитивно е тоа што компанијата има намера да продолжи со производството на вакви куќи и да ја модернизира и унапреди состојбата со лошите услови за вдомување во кинеските села. Иако технологијата без сомнение ќе биде унапредена во иднина, дури и потенцијалот кој го нуди денес е сосема возбудлив.