Драги сине,

Ми кажа дека си се допишувал со некоја девојка и дека планирате да се сретнете некаде на училиште. Сакав да те прашам да не е состанок, но не сакав да те засрамам. Сакав да те прашам каква е. Дали е фина? Дали е умна? Каква музика слуша? Дали е како мајка ти?

Со мене тоа беше премногу одамна за да можам да се сетам. Дали беше како кога ќе вклучиш прекинувач; во еден миг девојките ти изгледаат досадни, а одеднаш, сѐ што сакаш е да бидеш во нивна близина. Како да беше вчера кога единственото женско кое не те нервираше беше твојата мајка. Кога се случи промената? Кога почнаа да ти се допаѓаат девојчињата?

Всушност, веројатно и не е важно како се случило тоа, или кога. Сега е важно да знаеш што да бараш, и уште поважно, како да се однесуваш кога ќе ја најдеш. Кога беше мал, на мајка ти ѝ кажа дека кога ќе пораснеш, сакаш да се ожениш со неа. Епа знаеш, тоа не е возможно. Но тога сакаше да се ожениш со мајка ти затоа што таа ги поседува сите добри особини кои би сакал да ги поседува некоја девојка. Ако тоа е така, тогаш би требало да ме прашаш мене, бидејќи јас сум единствениот кој успеал да се ожени со неа. Јас сум „експертот“, така да се изразам.

Знам дека имаш само дванаесет години. И веројатно ќе имаш неколку девојки пред да се ожениш со вистинската. Но, би можел да научиш нешто и од Експертот, за да не си го губиш времето правејќи ги истите грешки коишто јас ги направив. Не барај совети од твоите пријатели. Запомни, „ако слепец води друг слепец, и двајцата ќе паднат во јама.“

Па, еве листа на нешта кои ми помогнаа кога ја запознав мајка ти.

Што да бараш:

Барај некоја којашто е подобра од тебе. Наједноствано кажано. Барај некоја на која ќе ѝ се восхитуваш, не само поради нејзината убавина, туку и поради нејзиниот ум, нејзиното однесување, како се однесува со семејството и пријателите. Кога ќе најдеш некоја којашто е подобра од тебе, ти автоматски ќе станеш подобра личност кога си со неа. Кога ќе се стремиш да станеш подобра личност за неа, самото тоа ќе те воздигне и тебе.

Ништо друго не е важно. Нејзината раса, народност, колку пријатели има и колку лајкови добива на Инстаграм, ниту нејзиниот социјален статус, па дури ни религијата. Ништо од тоа не е важно. Прашај се себеси ова: „Дали таа прави да сакам да бидам подобра личност?“ Ако одговорот на тоа прашање е да – тогаш си ја нашол вистинската личност.

Како да се однесуваш – листа на нешта кои треба да ги правиш:

Ова можеби ќе ти звучи банално, но сепак сето ова е вистина и верувај ми, бидејќи јас сум Експертот. Кавалерството не е мртво. Биди џентлмен. За некои лесни џентлменски потези постојано слушаш, да ја задржиш вратата, да ѝ помогнеш да однесе нешто, да ѝ го повлечеш столот, да ѝ го дадеш твоето палто кога е студено. Сето тоа е добро.

Но, има и некои детали кои како да се изгубени за твојата генерација. Како на пример:

1. Дозволи прво таа да нарача и почекај со јадењето додека да пристигне и нејзиното јадење.

2. Дај ѝ комплимент за нејзиниот изглед.

3. Однесувај се со почит кон нејзините родители. Не вели „Еј, како е“. Кажи „Добро утро, г-не _____“

4. Однесувај се со почит кон нејзините родители дури и кога тие не се во близина. Дури и кога им е лута, покажи почит кон нив.

5. Изненади ја без никаков повод. Подари и цвеќе, не снапчат. Но, снапчат за тоа како си го набавил цвеќето може да е добра идеја.

6. Погрижи се таа безбедно да пристигне дома пред да си заминеш.

7. Кога чекорите на тротоарот, ти чекори откај улицата.

8. Не раскажувај за вашиот интимен живот (Прашај ме мене ако не разбираш зошто е лошо ова).

9. Засмејувај ја.

А има и некои нешта коишто се навистина важни. Како на пример:

10. Охрабрувај ја да постигнува повисоки резултати (да добива повисоки оценки, да трча побрзо на физичко итн.)

11. Предизвикувај ја да пробува нови нешта, нови искуства кои ќе ја подобрат како поединец.

12. Секогаш почитувај ги нејзините мислења и одлуки.

Ако можеш да постигнеш 80 отсто од ова, таа ќе те сака. Ако постигнеш 100 отсто, таа ќе те сака и ќе те почитува.

Како да се однесуваш – листа на нешта коишто не треба да ги правиш

Без никаков определен редослед – едноставно не прави ги овие нешта:

1. Шеги кои повредуваат. Не разбирам како некој може да прави шеги кои ја повредуваат неговата девојка и потоа да се смее. Знам дека такви нешта има насекаде на Јутуб и дека таквите видеа добиваат милиони лајкови. Тоа ми вели дека има барем милион луѓе кои не би биле достојни партнери. Ти не би сакал да си еден од нив.

2. Намерно испуштање на телесни гасови. Исто како што не би сакал да ѝ пријдеш на твојата наставничка и да прднеш или да ѝ ждригнеш в лице, не би сакал да ѝ го направиш и на твојата девојка. Тоа не е учтиво. Зачувај го тоа за твоите другари.

3. Вулгарност. Не кажувај ѝ вулгарности упатени кон неа, нејзиното семејство и пријатели. Било пред неа, било зад нејзин грб. Почит.

4. Не изневерувај ги нејзините очекувања. Ако кажеш дека ќе појдеш некаде или ќе направиш нешто, направи го тоа. Не изневерувај ја намерно. Девојките сакаат мажи, а не мали момчиња. А мажите си стојат на зборот.

5. Не зјапај во твојот телефон. Не пишувај пораки, зборувај. Ако си со неа, гледај во неа, а не во таа направа.

6. Не лажи и не криј се. Ако направиш грешка, признај ја. Промени се, поправи се и продолжи напред. Ако така постапуваш, таа ќе ти прости.

7. Не ја посрамувај и понижувај. И таа може да греши исто како и ти, искрено простувај ѝ. Никогаш не држи лутина, и немој да ја посрамуваш и понижуваш.

8. Не озборувај други луѓе. Ако таа прави така, слушај, но не учествувај. Не кажувај ѝ да не прави така, само ислушај ја што има да каже. Можеби на почетокот таквото твое однесување ќе ја нервира, но долгорочно гледано ќе те почитува поради тоа.

Твојата девојка можеби и нема да ти стане жена, но ако ги следиш советите од Експертот, ќе изградиш пријателство за цел живот. И можеби следната девојка која ќе ја запознаеш ќе биде како твојата мајка.

„Љубовта е стрплива и љубезна; љубовта не завидува и не се фали; таа не е арогантна и груба. Таа не инсистира сѐ да биде по нејзино; не е раздразлива и огорчена; не се радува на правењето зло, туку се радува на вистината.“

Те сакам,

Тато

Сподели на Facebook
пати видено