Гугл повторно е мета на жестока контроверзија по објавувањето на новата услуга којашто открива колку многу Гугл знае за вас. Наречена Timeline (Времеплов), програмата е осмислена така што на корисниците им овозможува на онлајн мапите на Гугл да ги видат местата коишто најчесто ги посетуваат. Гугл вели дека ова ќе им помогне на луѓето да ги запомнат рестораните и другите места коишто најчесто ги посетуваат.
Но, некои корисници не мислат така. На Твитер оваа нова алатка на Гугл ја опушуваат со изрази како „ужасна“ и „страшна“.
„Дали некогаш сте посакале лесно да ги запомните сите места на коишто сте биле – било да се работи за музеј кој сте го посетиле за време на вашиот последен одмор или тој забавен бар на кој сте налетале пред неколку месеци?“ прашува Џерард Санц од Гугл во неговиот блог во кој ја најавува оваа нова можност. „Почнувајќи од денес, Гугл Мапс може да помогне во тоа. Полека ја развиваме [апликацијата] Your Timeline, полезен начин како да ги запомните и да се потсетите на местата на коишто сте биле во определен ден, месец или година. Вашиот Времеплов ви овозможува да ги визуелизирате вашите рутини од вистинскиот свет, лесно да ги видите патувањата на кои сте биле и ви дава увид во местата кадешто го минувате вашето време.“
За да ги дознае тие информации, Гугл ги користи информациите кои ги добива од вашиот паметен телефон. Услугата може дури и да пребарува низ фотографиите за да ги најде и препознае сликите сликани на прикажаните локации. Гугл истакнува дека сигурноста на услугата е на високо ниво, велејќи
„Вашиот Времеплов е приватен и видлив само на вас, и вие контролирате кои локации ќе бидат задржани. Тоа значи дека лесно може да избришете ден од историјата, или пак целата историја, во било кое време.“
Корисниците можат и да ги изменуваат податоците како и на омилените места да им назначуваат свое име. Услугата е достапна на компјутер како и на Андроид телефоните.
Додека ова може да се чини интересна услуга и функција, сепак вреди да се одбележат некои работи. Вие можете да ја избришете историјата од вашиот мобилен телефон или компјутер, се разбира, но таа се брише локално, на вашиот уред. Повеќе експерти истакнуваат дека штом еднаш ќе внесете информација на интернет, таа останува таму засекогаш. Кон каде води сиот овој технолошки напредок кој наводно им го олеснува животот на луѓето? Некои се сомневаат дека сите нас нѐ води кон нешто за што Џорџ Орвел не можел ни да сонува.