НАСА ја лансираше сондата Њу Хорајзон во 2006 година, неколку месеци пред Плутон да деградира во планета џуџе. Во изминатите девет години таа пропатува 4.8 милијади километри и вчера помина крај Плутон, снимајќи ја фотографијата од најголема близина којашто човештвото воопшто ја имало.
Сепак, ова не е првата фотографија. Њу Хорајзон и порано направил снимки од планетата џуџе и неговата месечина.
Снимена на оддалеченост од 766.048 километри, на фотографијата ѝ биле потребни четири и пол часа да стигне до Земјата.
Досега најдобрата фотографија од површината на Плутон беше направена од вселенскиот телескоп Хабл, која оставаше многу простор за надополнување на впечатокот со помош на нашата фантазија.
Во следните денови се очекуваат снимки од Плутон од уште поголема близина, најверојатно на околу 12.500 километри ратојание. Потоа сондата ќе продолжи кон Којперовиот појас, при што со малата сонда ќе се направи обид да се најде објаснение за тоа како настанал сончевиот систем, заедно со нас.
Сосема пригодно, Њу Хорајзон ја носи посмртната пепел на Клајд Вилијам Томбо, првиот човек кој го открил Плутон во 1930 година.