Како ќе се прехрани светското население од 9 милијарди? За компанијата „Архитектура со напредно размислување“ од Барселона, решението е во тоа да се напушти претставата дека храната може да се произведува само на копно.
Според Обединетите Нации, во 2050 година бројот на светското население ќе достигне до 9.1 милијарди, што ќе изискува 70 проценти повеќе храна отколку што произведуваме во моментот.
Проблемот е во тоа што нема да има достаточно простор за традиционални фарми кои ќе произведуваат храна за толку многу луѓе, а со оглед на климатските промени, дури кога би имало толку простор, прашање е колку би биле успешни во производството на храна за целото население во светот.
Некои предвидуваат дека решението за оваа криза би можел да биде концептот на пловечки фарми кои би можеле да бидат поставени по крајбрежјата на големите градови.
Со комбинирањето на хидропонички и вертикални технологии на земјоделство, овој нов метод за производство на храна би можел да користи големи пловни објекти како платформа со повеќе нивоа за големи плантажи.
Првото ниво би бил голем рибник опремен со десалинациски погон.
Второто ниво би била автоматизирана хидропонична стаклена градина без пестициди кадешто би се произведувал зеленчук.
Целиот пловен објект би се напојувал со енергија добиена од покрив прекриен со соларни панели.
Според дизајнерите, целта на овој проект не е да ги замени традиционалните фарми, туку да биде нивна алтернатива и надополнување.
Пловечките фарми нема да бидат погодувани од периоди на суша, поплави, штетници и би можеле да ги елиминираат другите последици од комерцијалното земјоделство, како токсичниот отпад кој се ослободува како нуспроизвод.