„Дали пишувањето со рака е важно?“ „И не премногу“, се почесто се слуша во последно време, но со тоа не согласуваат психолозите и невролозите, кои посочуваат на некои исклучително важни детали коишто би требало да ги знаеме во ова време кога се размислува за воведување на технологии како таблет компјутерите уште од прво одделение во основно училиште.
The New York Times неодамна објави резултати на истражувања кои упатуваат на нови докази дека врската помеѓу пишувањето со рака и севкупниот развој на образованието е многу длабока. Во САД учителите ги учат децата да пишуваат со рака само во предучилишната група во јасли и во прво одделение, а потоа преминуваат на тастатура.
Невролозите тврдат дека пишувањето со рака ги активира подрачјата во мозокот кои ни помагаат побрзо и подобро да учиме, и дека децата побрзо учат да читаат кога пишуваат со рака, но и подобро генерираат идеи и ги задржуваат информациите.
„Додека пишуваме, автоматски се активира единствен невронски круг. Тоа е срцевината на препознавањето на начинот на изразување во светот на пишаниот збор, своевидно препознавање на менталната симулација којашто се одвива во вашиот мозок“, вели Станислас Дуен, психолог на Францускиот факултет (Collège de France) во Париз.
Проучувањето кое го спровел Универзитетот во Индијана укажува дека во мозокот на децата при пишувањето со рака се активираат три подрачја – левиот фузиформен гирус, инфериорниот фронтален гирус и задниот париетален кортекс. Тоа се истите подрачја кои се придвижуваат и кај возрасните кога учат да читаат и пишуваат. Кај децата коишто ги пишувале со помош на тастатура или само ги следеле буквите немало никакво активирање на овие подрачја.
Психологот Керин Џејмс, која учествувала во истражувањето, појаснува дека кога пишуваме со рака, мораме да планираме и да ја извршиме акцијата за на крај да испорачаме конкретен резултат во вид на букви и зборови.
„Тоа е една од првите демонстрации на мозокот кој се менува под влијание на вежбањето“, објаснува Џејмс.
Други истражувања, кои ги споредувале изведбите на децата кои своите состави ги пишувале со рака и на тие кои пишувале на компјутер, покажале дека децата коишто пишуваат со рака произведуваат повеќе зборови и оригинални идеи, во споредба со тие кои употребуваат тастатура. Не изненадува и тоа што истражувачите откриле дека децата со подобар ракопис исто така покажале и исклучителна активност во работната меморија.