Најздравото однесување за вас е да бидете она што сте, а сепак толку често го одбегнуваме нашето природно однесување мислејќи дека тоа е нездраво. Вашиот сопствен ум и вашето тело најдобро знаат што е тоа што им треба. А ако ви треба потсетник зошто треба да ги следите вашите инстинкти, прочитајте за следниве видови на однесување кои вообичаено се сметаат за нездрави или непристојни, а коишто всушност се здрава реакција на нашето тело.
1. Гнев
Многумина од нас избегнуваат да го изразат својот гнев и покрај тоа што може да делува многу ослободувачки. Изразувањето на гневот на здрав начин може да донесе моќни и позитивни промени во нашите животи. Гневот едноставно е вид на емоционална енергија која се насобира во нас кога ни е згрешено или кога ни се нарушени личните граници. Таа енергија се крева на мисија да ја разреши непримерната ситуација која ни предизвикала страдање.
Научете да ја прифатите таа енергија и да ја искористите на позитивен начин. Кога ќе се почувствувате гнев, најдете начин да го изразите на позитивен начин наместо да го чувате во вас претворајќи го во отров за вашето тело и ум. Кога го правите тоа, ризикувате да западнете во две крајности; првата е во некој момент кога сѐ ќе ви се насобере да избувнете во неконтролиран бес, а втората е да потонете во длабока депресија, при што едното не го исклучува другото. Треба да знаете дека здравиот гнев се јавува со причина, да биде ваш заштитник и ослободител.
2. Изгубеност
Се чувствуваме изгубени кога ќе го изгубиме нашето чувство за насоката во која би сакале да се движиме. Но, таквите мигови сепак ни овозможуваат да обрнеме внимание на нашите инстинкти и да размислиме за ситуацијата во којашто сме се нашле. Покрај тоа, ако некогаш сте се изгубиле во некој непознат голем град или во некоја странска земја, веројатно сте откриле некои прекрасни нешта додека да се снајдете.
Истото важи и за секојдневниот живот. Тоа што е важно е самото патување, а губењето и одбирањето на патеки за кои никогаш не сме ни помислиле дека би ги одбрале е начин на кој се откриваме себеси. Така ги откриваме нашите скриени дарби и стекнуваме пријатели кои инаку за нас би останале непознати. Да бидете изгубени сега не значи дека ќе бидете изгубени вечно. Тоа едноставо значи дека ви е потребно време да го најдете патот кој е најправилен за вас.
3. Плачење
Плачењето, исто како и гневот, е здрав човечки емоционален одговор на определени ситуации. Се разбира дека никој не сака цело време да плаче, но сепак е од голема важност да се испочитуваат тие настани во животот кои ќе нѐ доведат до солзи. Тоа може да бидат солзи на тага, но и солзи радосници. Кога плачеме, тоа и овозможува на нашата психа да ја ослободи енергијата која доколку ја чуваме во нас може да стане отровна или да нѐ направи крути.
Плачењето ја омекнува нашата личност, како и нашата надворешност, покажувајќи му на останатиот свет дека и ние чувствуваме, сакаме, тагуваме и нѐ погодува светот околу нас исто како и другите. Така, плачењето на луѓето околу нас им праќа сигнали дека и ние сме ранливи како и секое човечко суштество, што нѐ прави попривлечни за пријатели, за разлика од тие кои изгледаат како да имаат срце од камен.
4. Осаменост
На осаменоста не мора да се гледа како на нешто лошо бидејќи често може да значи дека пресекуваме некои непотребни социјални активности за да се нурнеме во подлабоки нивоа на нашето сопствено битие. Вистина е дека кога во некои ситуации некој се доведува себеси во изолација, тоа може да биде причина за загриженост, но сепак вреди да се знае дека многу од најголемите уметници, писатели и мислители многу ја ценеле самотијата за да најдат подлабока инспирација и да ја запалат искрата на нивната креативност. Понекогаш едоставно чувствуваме потреба да ги исклучиме надворешните дразби и да си бидеме тоа што сме.
Ако ја чувствувате таа потреба да бидете сами, верувајте ѝ и ценете ја. Понекогаш осамената прошетка во парк или одењето на одмор сами може да доведе до осврнување кон себеси кое целосно го обновува нашето чувство за цел во нашиот живот. Во некои ситуации, најздравото нешто кое можете да си го приредите е да бидете сами.
5. Непослушност
На непослушноста и непочитувањето на туѓите совети често се гледа како антисоцијално и арогантно однесување, а сепак понекогаш едноставно мора да си ја следите интуицијата и да бидете слободни да го слушате повикот кој доаѓа длабоко од вас. Понекогаш тоа значи да ги игнорирате гласовите кои можеби не ве разбираат ниту се во согласност со вашата визија и стремежи. Верувајте си на себеси и знајте дека понекогаш можеби имате навистина добра причина да не послушате некој совет.
Сме ги виделе оние кои слушаат секого и завршуваат како капетан на брод без кормило, без никакво чувство за насока во нивниот живот. Бидете мудри и внимателно одбирајте кога да послушате некого, а кога не.
6. Кршење на правилата
Кршењето на правилата понекогаш може да го подобри вашиот, како и животот на другите. Правилата се поставуваат од луѓе, а никој од нас не е совршен. Па така, верувајте во вашата способност да процените дали некое правило не прави повеќе штета отколку добро. Повеќето пронајдоци во науката, уметноста и општеството се случуваат токму бидејќи некој се дрзнал да прекрши некое правило и да зачекори наспроти струјата.
7. Невклопување
Неприлагоденоста и невклопувањето можат да бидат болни и непријатни, особено за време на тинејџерските години, но тоа исто така може да значи и дека во вас се крие некој иноватор и дека имате да понудите нешто што е над нормата. Кога се вклопуваме со другите, тоа вообичаено значи дека нашите мисли, чувства, па дури и нашите мечти се во склад со заедницата на која припаѓаме. Излегувањето надвор од шаблоните и очекувањата кои другите ги имаат од нас можат да доведат до тоа да не се вклопуваме, па дури и да дојдеме во судир со заедницата, но исто така може да доведе и до истражување и преиспитување на некои општоприфатени норми кои повеќе штетат на напредокот на истата таа заедница.
Иднината никогаш не се вклопува во минатото, па така прифатете се такви какви што се без разлика на тоа дали тоа им се допаѓа на другите или не. Можеби токму вие сте тие предодредени да пробиете нов пат кој другите ќе го следат.