Кога последен пат сте прочитале книга или некоја статија со длабока содржина? Дали вашите дневни навики за читање се вртат само околу Твитер и Фејсбук? Ако и вие сте еден од безбројните луѓе кои немаат навика да читаат, пропуштате многу: читањето носи голема полза и голем број придобивки, е еве неколку од нив.
1. Умствена стимулација
Истражувањата покажале дека одржувањето на активноста на мозокот и умствената стимулација можат да го забават напредокот на Алцхајцмеровата болест и деменцијата, или дури и да ги спречат, бидејќи како и секое човечко ткиво, активноста значи здравје. Како и секој друг мускул во вашето тело, и на вашиот мозок му е потребно вежбање за да биде здрав. Покрај читањето, решавањето крстозбори или играњето шах исто така е добра активност за вашиот мозок.
2. Намалување на стресот
Без разлика со колкав стрес се соочувате на работа, во вашите лични односи со луѓето околу вас, или при различни проблеми со кои се соочувате во секојдневието, сето тоа го снемува кога ќе се нурнете во некоја добра книга. Добро напишаниот роман ве пренесува во други димензии, а некоја статија со длабока содржина ќе ви го одвлече вниманието од проблемите, ќе ве продухови и ќе ги продлабочи вашите знаења.
3. Знаење
Сѐ што ќе прочитате ја полни вашата глава со нови информации, а никогаш не знаете кога нешто може да ви се најде. Колку повеќе знаења и вештини поседувате, толку подобро сте подготвени да се справите со предизвиците со кои ќе се соочите. Размислете и за ова: ако некогаш се најдете во тешка ситуација, запомнете дека можете да загубите сѐ друго – вашата работа, вашата сопственост, пари, дури и вашето здравје – но, никој не може да ви го земе знаењето.
4. Проширување на речникот
Ова е продолжување на претходната точка; колку повеќе читате, толку повеќе се запознавате со нови зборови, и тие неизбежно ќе се најдат во вашиот секојдневен речник. Способноста за добро изразување е добредојдена во секоја професија, а свеста дека можете да зборувате и да се изразувате прецизно и со самодоверба може да биде силен чинител за вашата самопочит. Читањето исто така е од витално значење доколку учите некој нов јазик.
5. Подобрување на помнењето
Кога читате книга, морате да ги запомните сите ликови, нивната биографија, амбиции, карактери, како и сите заплети кои се испреплетуваат во текот на секоја приказна. Тоа се многу податоци, но мозокот е чудесно нешто и овие нешта ги помни со релативна леснотија. Со секој нов податок кој ќе го запомните, во вашиот мозок се создаваат нови врски и се зајакнуваат постарите, што го подобрува помнењето и го стабилизира расположението. Има ли нешто подобро од тоа?
6. Подобрување на вештината за аналитичко размислување
Дали некогаш сте прочитале некаков прекрасен трилер или сте решиле мистерија и пред да стасате до крајот на книгата? Ако сте ја имале таа можност, сте биле во можност да ја ставите вашата способност за критичко и аналитичко размислување на дело, обрнувајќи внимание на сите детали на располагање и сте ги подредиле соодветно за да го откриете таинствениот злосторник.
Таа способност за анализирање на деталите може да ви се најде при рака и при развивањето на вашиот вкус, ќе можете да процените дали делото е добро напишано, дали карактерите се соодветно развиени, дали линијата на дејство е издржана итн. Ако некогаш се најдете во ситуација да разговарате за некоја книга, ќе можете јасно да го изразите вашето мислење, и тоа вашето лично мислење, а не нешто што сте прочитале за таа книга во некоја површна статија препишана од којзнае каде.
7. Подобрување на фокусот и концентрацијата
Во овој наш свет споулавен од интернет, нашето внимание е привлечено од милион правци наеднаш. Во текот на едно временско растојание од пет минути, просечниот човек го дели своето време за работни задачи, проверка на имејл, чат со луѓе, внимавање да не има нешто на Твитер или Фејсбук, гледање во смартфонот и разговор со колегите. Овој начин на однесување предизвикува покачување на нивото на стрес и ја намалува продуктивноста.
Кога читате книга, вашето внимание се сосредоточува на приказната – а остатокот од светот се губи, па така вие се нурнувате во фините детали на четивото. Обидете се да читнете нешто 15-20 минути пред работа. На пример, ако користите јавен превоз, наместо да правите селфи или да ги сликате и снимате луѓето околу вас за потоа да се направите интересни на фејсбук, обидете се да прочитате некоја страница. Ќе се изненадите колку ќе бидете поконцентрирани на работа или училиште.
8. Подобрување на писателските вештини
Ова оди заедно со подобрувањето на речникот. Можеби имате амбиции да бидете писател или новинар, или работите како новинар – ништо не може да ви го подобри речникот и стилот на изразување како проучувањето на текот на мислата, течноста и стилот на изразување на успешните автори. Исто како што музичарите си влијаат едни на други и како што сликарите ги употребуваат сликарските техники воспоставени од нивните претходници, и писателите учат како да градат проза читајќи ги делата на другите писатели.
9. Смиреност
Покрај смиреноста и опуштањето кои ги носи самиот процес на читањето, самата содржина може да ви донесе длабок внатрешен мир и смиреност. Читањето на продуховени текстови го намалува крвниот притисок, а докажано е дека книгите за самопомош им помагаат на луѓето кои страдаат од извесни нарушувања на расположението и благи ментални болести.
10. Бесплатна забава
Иако многумина сакаат да купуваат книги, тие знаат да бидат скапи. Зачленувањето во библиотека е многу добра инвестиција, бидејќи покрај сите тие томови знаење кои ви се нудат за симболична цена, стекнувате и нови прилики за дружење и нови познанства.
Доколку живеете некаде кадешто нема библиотека, интернетот е исто така огромен извор на знаење. На интернет се качени милиони бесплатни книги во електронски формат кои можете да ги читате на вашиот компјутер, таблет или ајпад. Постојат посебни електронски библиотеки за бесплатни е-книги, како The Project Gutenber, a и повеќето поголеми библиотеки нудат бесплатно преземање на електронските верзии на некои од нивните изданија. Посетете го на пример сајтот на библиотеката „Браќа Миладиновци“, или дигиталната библиотека при НУБ “Св. Климент Оxридски“ – Скопје. Ќе се изненадите кои сѐ дела од македонското културно наследство ви се нудат бесплатно.