Како што старееме, нашиот когнитивен капацитет почнува да се намалува. Тоа е неизбежен дел од процесот на стареење кој си го зема својот данок во сите сфери на човечкиот живот. Иако не можеме да го спречиме стареењето, можеме да го успориме, а понекогаш дури и да повратиме некои наши способности. Губењето на способноста за помнење и заборавноста се застрашувачки за секој од нас, но добрата вест е тоа што можат да се превземат мерки со кои можеме да се бориме против когнитивното опаѓање. Еве седум начини како да го сторите тоа:
1. Научете нов јазик
Учењето на нов јазик ќе ви биде полезно од повеќе гледни точки. Не само што се стекнувате со нова вештина, туку исто така е и одлична вежба за мозокот.
2. Крстозбори и игри со зборови
Друга вежба за мозокот која ќе ви помогне да ја подобрите вашата меморија е решавањето крстозбори, ребуси и други загатки со зборови. Сѐ што вклучува мозочна активност поврзана со препознавање на зборови, значења и поврзување на асоцијации е одличен поттик за вашиот мозок.
3. Никогаш не потценувајте ја моќта на музиката!
Музиката дури е дел и од особен вид терапија наречен мелотерапија, но и секојдневното слушање музика може да има добри ефекти врз вашето помнење бидејќи помага при сосредоточувањето. Некои велат дека класичната музика е најдобра за здравјето, особено на новороденчињата и младите, но едноставно уживајте во вашата омилена музика и тоа е сосема доволно за подобрување на вашето општо здравје.
4. Не срамете се да зборувате сами со себе
Според повеќе истражувања, кај луѓето кои си зборуваат самите со себе има помал ризик за развивање на деменција во повозрасните години. Со други зборови, слободно зборувајте самите со себе. Не само што тоа помага за подобрување на помнењето, туку е добар начин да се справите со вашите чувства.
5. Читајте книги и обидувајте се да ги запомните нивните содржини
Кој не сака од време на време да прочита добра книга? Се вели дека човек кој не чита живее само еден живот, а тој што чита живее илјадници животи, така што, за подобрување на вашата способност за помнење – читајте што е можно повеќе. Книги, есеи, весници и списанија, сѐ што го привлекува вашето внимание.
6. Специјални мозочни вежби
Има разни вежби кои се обмислени специјално за развивање на мозочната активност. Не мора да претерувате и да се исцрпувате, тоа сигурно нема да ве направи Ајнштајн, но ваквата активност од време на време може да биде забавна, а секако е и полезна.
7. Мнемотехника
И на крајот, добар начин полесно да запомните некои нешта е преку мнемотехника. ОБидете се да ги поврзете со некаква слика, збор или било што што има некакво значење за вас. На пример, да запомните некој тежок телефонски број, обидете се неговите бројки да ги поврзете во некаква математичка операција; римувањето исто така може да помогне да запомните некоја дефиниција или мисла, име итн.