Рекламите против пушењето претставуваат една доста поедноставена ситуација: Пушењето е лошо бидејќи станувате зависни од никотинот, а катранот ги претвора вашите бели дробови во црна, зачадена недефинирана маса. Пушењето не носи никакво задоволство, и ако не успеете да се оттргнете од канџите на злиот никотин, ќе умрете.

Но, не сосема е така. Додека има голема вистина во тоа дека никотинот е штетен и предизвикува зависност, тој не е единствената причина зошто луѓето продолжуваат да пушат. Има најразлични нешта кои ве враќаат во прегратките на лошата навика, без разлика дали чувствувате потреба на хемиско ниво или не. Затоа, ако сакате да се одвикнете од пушењето, би било добро да согледате што сѐ е тоа што ве прави зависни од цигарите.

6. Изговор да се одморите од некаква социјална ситуација

cg01

Рекламите против пушење цигарите ги опишуваат како тиранин кој ве присилува да морате извесно време да се оддалечите од нештата и луѓето кои ви значат и да излезете надвор да пушите, т.е. пушењето се претставува како незгоден товар. И навистина е тоа, Понекогаш. Но, понекогаш и не е!

За секој пат кога цигарата ве лишила од некое задоволство, има друг пат кога ви била извесен спас од дадена ситуација, како некој карциноген ангел (или ѓавол) чувар. На пример, забавите: Додека некои луѓе уживаат во забавите и се чини дека се полнат со енергија од постојаната стимулација на сетилата, други луѓе тоа ги истоштува и имаат потреба да најдат изговор да се оттргнат малку, да најдат малку тишина и да подишат малку воздух кој веќе не бил во нечија уста. И кога ќе дојде таквиот момент, цигарите се единствената општествено прифатлива опција.

И навистина е така – тоа е единствената работа за која другите ќе најдат разбирање, бидејќи сите други изговори се или патетични или навестуваат дека можеби сте сериски убиец. „Ќе одам малку на воздух“ звучи како премногу да сте испиле и ќе одите да повраќате во грмушките. Да се криете во тоалетот е чудно. Веројатно би можеле да се преправате дека се јавувате на телефон, но тоа би направило да се чувствувате толку посрамено и самите на себеси ќе сте си чудни. Токму поради тоа осамените луѓе често се и пушачи – цигарите им се чинат привлечни бидејќи им даваат можност да излезат надвор и да ги наполнат батериите пред мозокот да им се претвори во каша.

5. Изговор да направите пауза од работата

cg02

Еве уште една реклама против пушењето коja го претставува како насилник, но овојпат во работна атмосфера. Човекот си има работа преку глава, кога од никаде се појавува рибарска јадица која му се закачува во устата и со сила го извлекува надвор кадешто ќе може да запали една. „На просечниот пушач му се потребни околу 5000 цигари годишно“, нѐ информира еден глас. И сега на нас би требало да ни биде жал за овој човек.

Ако се изземе јадицата, очигледно во видеото гледате човек кој добива пет минути одмор и можост да се опушти. Работата го убива и тој си зема пуш-пауза за да може да здивне малку, што од друга страна и навистина може да го убие, гледано долгорочно. Но, слично како и во претходниот пример, цигарите се единствениот прифатлив начин на кој можете да се измолкнете на кратко од работата. Што инаку би кажале – „ми се оди по голема нужда?“ Ајде и тоа ќе го кажете еднаш или два пати, но ако го повторите неколку пати, неминовно ќе ви извадат секакви муабети кои не се кул. И тука доаѓаме до следната точка.

4. Да се биде кул

cg03

Еве уште една реклама против пушењето:

Во рекламата цигарите се прикажани во раковиден демон кој напаѓа училница полна со ученици заедно со нивниот наставник, по што гласот вели; „Ако цигарите изгледаат толку опасно како што навистина се, би бегале спасувајќи жива глава.“ Секако, тоа и е вистина, но се испушта главната поента. Имено, цигарите не изгледаат опасно. Тие изгледаат кул, или барем така ни се прикажувани во медиумите во последните век и нешто.

Во секој филм, некој познат актер ќе запали цигара. Некои музички групи направиле и кариера со тоа, што се вели. Цигарите мажите ги прават да изгледаат опасно, а жените шик. Но, на пример, дали сте знаеле дека до 1930-те години жените кои слободно пушеле биле главно проститутките. И така било сѐ додека во 1928 година на Џорџ Вашингтон Хил, претседателот на „Американската тутунска компанија“,(голема тутунска компанија во САД која доминирала со пазарот, купувајќи ги сите други поголеми компании, меѓу кои и „Лаки Страјк“) не му текнало дека пазарот за неговиот производ би бил многу поголем доколку и жените би почнале да пушат. Така тој му се обратил на големиот спин мајстор и мајстор на пропагандата, Едвард Бернејс, внук на Зигмунд Фројд, кој, за разлика од неговиот вујко, познавањето на човечката психа ја искористил за да манипулира на секаков можен начин, но за тоа можеби во друга прилика.

И така, Едвард Бернејс, таткото на современиот ПР бизнис, побарал совет од психоаналитичарот А. А. Брил, кој му кажал дека е нормално жените да сакаат да пушат поради оралната фиксација, но не го прават тоа поради општествените табуа. Вештиот манипулатор Бернејс го смислил следново објаснување:

„Денес еманципацијата на жените потисна многу од нивните женствени желби. Сега сѐ повеќе жени вршат исти работи кои ги вршат и мажите. Многу жени не раѓаат деца, а тие кои раѓаат, раѓаат малку деца. Женските особини се маскирани. Цигарите, коишто традиционално се поистоветуваат со мажите, стануваат факел на слободата.“

cg04

Потоа во 1929 година најмил неколку жени јавно да ги пушат нивните „факели на слободата“ за време на велигденска парада, што било шок за јавноста, бидејќи во тоа време да се види жена да пуши јавно било голем срам. При тоа, тој водел сметка жените кои ги избрал да бидат привлечни, но да не бидат премногу како манекенки, за обичните жени да можат да се поистоветат со нив. И ете така, дами, доколку и вие пушите „факели на слободата“, сега знаете на кого можете да му се заблагодарите за тоа.

cg05

„Ако ги разбереме механизмие и мотивите на умот на групата, ќе биде возможно да ги контролираме и управуваме масите како што сакаме, без те воопшто да го знаат тоа“ – Едвард Бернејс

Што се однесува до мажите, како што кажавме, од каубојските филмови, филмовите со Џемс Дин, па сѐ навака, медиумите ги прикажуваа цигарите како неизоставен дел од изгледот на секој опасен маж.

cg06

3. Социјалниот фактор

cg07

Доколку сте вистински шармер, харизматична личност која секогаш има да каже нешто умно и се чувствува удобно во секоја ситуација, тогаш цигарите и нема многу да ви недостасуваат. Но ако сте некој по малку збркан кој има проблеми да започне неврзан разговор, а не се разбира многу во политика или спорт, тогаш токму со овие канџи ќе ве зграпчи тутунот. Бидејќи, се сеќавате за првиот пример, кога говоревме за изговорот за мало здивнување од забавата? Е, кога ќе излезете, ќе најдете други слични на вас, специјален клуб, место резервирано за пушачи кои делат некаков порок, некаква тајна, а и се наоѓате во малку поопуштена атмосфера.

Ако сте личност на којашто не ѝ е многу удобно во голема група, тогаш честито, си го најдовте смртоносниот спас. Ви се разговара тивко надвор додека пушите? Можете да си разговарате надвор тивко додека пушите. Не ви се зборува многу? И не мора да зборувате многу, бидејќи никој не очекува да зборувате многу кога устата ви е зафатена со нешто друго.

2. Морате да правите нешто со вашите раце

cg08

Ова можеби ќе ви се чини како недоволна причина, но присетете се колку пати на некоја забава сте посегнале по чаша пиво, бидејќи едноставно ви е чудно да стоите така сами, немајќи ништо в рака! А ете, цигарата е уште еден згоден спас во таква ситуација.

1. Препуштањето на ритуали

cg09

И ова е причината поради која е најтешко да ги оставите цигарите, заедно со сите досега набројани примери. Кога ќе завршите некоја работа, си велите, е сега заслужив една цигара. После добар оброк, не може без цигара, зар не? А може ли кафе без цигара или чаша алкохол без цигара? – па не е интересно!

Но, силната волја се вежба. Со сите овие примери кои ви ги набројавме, сега ќе можете да се запрашате дали навистина ви е потребно пушењето за да се чувствувате добро во дадена ситуација и дали цигарата ви е толку потребна за да ви се комплетира некое задоволство. Со сигурност не. Но, треба да се обидете.

Сподели на Facebook
пати видено