Дали некогаш ви се случило да бидете толку погодени од нечие лошо однесување, што до доцна во ноќта лежите мислејќи на таа личност? Дали постојано се жалите на истиот колега на работа? Негативните луѓе би требало да добиваат најмалку од вашето време, а сепак нивното токсично однесување лесно може да ви одземе многу повеќе време и енергија отколку што заслужуваат. Било да работите со некој кој постојано се жали на нешто или пак работите за шеф кој постојано нешто критикува и кој никогаш не е задоволен со вашата работа, негативните луѓе можат да внесат вистински хаос во вашиот живот ако не сте внимателни. Еве пет знаци дека на негативните луѓе им давате преголема моќ врз вашиот живот.
1. Премногу зборувате за нив
Тоа што ќе се издувате раскажувајќи му на некого нема да ве ослободи од гневот. Всушност, истражувањата покажуваат дека ова само додава масло на огнот. Колку повеќе зборувате за нечии лоши навики, непристојно однесување или наврадливи коментари, толку поголема моќ стекнува таа личност врз вашиот живот. Згора на тоа, секоја минута која ќе ја минете жалејќи се за некого се 60 секунди од вашиот живот кои сте ги посветиле на негативноста на таа личност. Време кое сте можеле да го потрошите на нешто многу попродуктивно.
2. Мислите на нив и кога не се во ваша близина
Во вашата глава си го преповторувате нечие лошо однесување или ужасен разговор повторно и повторно и со тоа повторно на таа негативна личност ѝ давате моќ врз вашиот ум. Колку повеќе време минувате мислејќи на нив, толку повеќе од вашето време им давате. Дури и кога стравувате од некоја идна средба со нив, пак им давате извесна предност и моќ врз вас. Ако два часа пред неизбежната средба со таа непријатна личност мислите само на тој еден час кој ви претстои со неа, сте ѝ дале три часа од вашиот живот.
3. Им дозволувате да ви поставуваат ограничувања во животот
Ако велите нешта како „никогаш не можам да уживам во мојата работа кога мојот шеф е таму“ ѝ овозможува на негативната личност да ви поставува ограничувања во животот. Бидете свесни за заклучоците кои ги извлекувате за тоа колку некој влијае врз вас. Лошите претчувства и воопштувања можат многу лесно да се претворат во реалност, ако дозволите да се случи тоа.
4. Дозволувате да управуваат со вашите чувства
Да се изнервирате или налутите поради нечие несоодветно однесување е нормално. Но, не е задраво ако чувствувате дека некој има контрола врз тоа како ќе се чувствувате. Можеби некој може толку да ве налути што ви се потребни два часа за да се смирите. Или можеби ви се стега стомакот од самата помисла на тој поединец. Силните емоционални или физиолошки реакции на самата помисла на некого се знак дека некој има преголемо влијание врз вашиот живот.
5. Дозволувате негативно да влијаат врз вашето однесување
Постојаната опкруженост со премногу негативност може да доведе до став „ако не можеш да ги победиш, придружи им се“. Ако сите лажат, мамат и крадат, можеби ќе посакате да се качите и вие на тој воз само за да опстанете. Можеби ќе почнете и вие да оставате злобни коментари на Фејсбук само за да се обидете да повратите малку од контролата која сте ја изгубиле. Доколку ова не е во склад со вашите вредности, повторно оставате токсичните луѓе да имаат преголема моќ врз вас.
Како да си ја повратите моќта
Најсилното и наједноставно оружје е – игнорирањето. Не дозволувајте да ве вовлечат во нивните валкани игри и да направат да скршнете од патот кој сте си го зацртале, бидејќи на таквите луѓе токму тоа им е целта. Бидете истрајни и ќе ви биде многу мило кога ќе видите колку тоа ќе ви се исплати долгорочно гледано, кога тие ќе останат зад вас исполнети со нивната немоќна злоба и завист.