Дали би можеле да патувате по светот, трошејќи околу 15 долари дневно, вклучително и за летови, сместување, храна, визи? Според мнозина, тоа е апсолутно невозможно, но всушност и не е точно така. Барем такво е мислењето на 28-годишниот Данец Хенрик Јелесен, кој во текот на април 2016 стана еден од малкуте луше во светот и веројатно најмладиот кој успеал да ги посети сите 193 држави во светот. Јелесен уверува дека во текот на целото свое патешествие потрошил 50 000 евра, што се сведува на 15 долари дневно, ако се има предвид дека за патувањето околу светот му биле потребни над 3000 дена. „Тоа што јас го направив, во реалност може да го направи секој“, вели Јелесен.
Еве кои се неговите трикови за патување околу светот со малку пари.
1. Летови
Авионските билети претставуваат еден од најголемите трошоци за повеќето патници, но не и за Хенрик Јелесен. „Патував од Данска до Африка за 6 евра. До Италија и Мароко за 3 евра. Од Малезија до Австралија за 40 евра, а се качував и на локални летови во Малезија коишто ми излегоа 2,5 евра“, вели тој.
За да ги добие тие цени, Хенрик се претплатил на информативните билтени на нискотарифни авиокомпании. И кога ќе добие понуди, веднаш започнува да ги бара најевтините летови.
„Важно е да сте приспособливи, како во поглед на датумите, така и во поглед на дестинациите. Ако сте такви, можете да патувате речиси без пари. И освен тоа, неопходно е да патувате со малку багаж, за да ги избегнете таксите за истиот.“
2. Сместување
Сместувањето исто така претставува голем расход за туристите. Но, при патувањето околу светот, Хенрик потрошил само нешто повеќе од 100 евра за хотели. „Мојот совет е да барате сместување во куќите на локалните жители. Секогаш има луѓе кои се подготвени да понудат засолниште за човек во нужда. Често ја користам Каучсурфинг – компанија која нуди сместување на принцип на взаемна услуга“.
Покрај тоа, тој преспивал и кај луѓе ки ги среќавал на улица, и никогаш немало проблеми. „Сепак“, вели тој, „секогаш треба да сте внимателни.“ Тој признава дека се случувало и да не најде сместување, и во тој случај преспивал по аеродроми, автобуски станици и слично.
3. Транспорт
Никакви коли под наем, уште помалку такси. Данскиот турист се движел главно преку автостоп. „И во поглед на тоа не сум имал никакви проблеми. Всушност, само четири пати во животот бев ограбен додека патував околу светот, и тоа во места кои се сметаат за сигурни, како Англија, Белгија или Кина“, споделува Хенрик.
4. Храна
Данецот советува да си купувате храна од супермаркетите, бидејќи таа е најевтина.
5. Спонзори
Во 2012 година си помислив дека би можел и да живеам од ова и сега го правам токму тоа“, споделува Данецот. Тој има договори со компании кои му плаќаат за да ги рекламира кај неговите бројни следбеници на социјалните мрежи и на неговиот блог. Хостели и авиокомпании му нудат сместување и авионски билети во размена за тоа да напише некој збор за нив на неговите профили на Твитер, Фејсбук и Инстаграм.
„Тоа е мојот последен совет. Ако сакате да го минете животот патувајќи, треба да си направите блог и да сметате на социјалните мрежи за да си најдете спонзори“, дополнува данскиот авантурист.