Ви претставуваме продолжение од репортажата на новинарката Меди Кровел за Ауровил, градот-утопија во Индија, кој е замислен како идеално општество без влада и политика, религии, идеологии, без пари, сон на „децата на цвеќето“, хипиците од шеесеттите. Во продолжението ќе можете да прочитате повеќе детали за тоа како навистина функционира Ауровил, дали сѐ е така идеално како што било замислено, но и за упорната мечта на некои од неговите жители за создавање на идеално и просветлено човечко општество.

Неволја во утопијата (2. дел)

Ауровил официјално бил основан во 1968 година од страна на Мира Алфаса, Французинка која меѓу локалните е позната како „Мајката“. На речиси секој ѕид во речиси сечиј дом, зграда и јавен простор е залепена нејзина слика. Идејата за Ауровил била инспирирана од нејзината блиска – и тајна – врска со индискиот философ и јога гуру Шри Ауробиндо. Роден во 1872г. во Калкута и образован во Кембриџ, Ауробиндо во Калкута започнал кампања под слоганот „Британци, одете си дома“. Откако бил затворен на една година од страна на Британците во 1908 година, побарал политички азил во француската колонија Пондичери, и таму од политичка фигура се претворил во водечки духовен гуру. Сакал да ја разбуди душата на Индија.

„Деветнаесеттиот век во Индија беше имитирачки, самозаборавен, вештачки. Целеше кон успешна репродукција на Европа во Индија“, пишува тој во својата публикација „Кармајогин“ од 1909 година. „Ако успеавме да се европеизираме себеси, засекогаш ќе го загубевме нашиот духовен капацитет, нашата интелектуална сила, нашата национална еластичност, и моќта на самообнова.“

Мајката идеите на Ауробиндо ги претворила во интернационален проект „да се оствари човечкото единство и да се воспостави идеално општество“. На 28. февруари, 1968 година, повеќе од 5000 луѓе од 124 колонии се слеале во тоа што во тоа време била пуста црвена пустина и сон. Носеле знамиња и грст земја од нивните татковини. Мајката прогласила дека Ауровил ќе создаде „нова свест“.

Таа решавала кој ќе им се придружи погледнувајќи секој од кандидатите во очи; многумина се присетуваат дека средбата со неа било надреално и длабохо духовно искуство. Ако одобрела – често со едно поткревање или климање со главата – новопосветениот ауровилец добивал наредба да засади дрво. За неколку години, се формирала шума.

***

Се разбудив во жештината во седум часот наутро. Освен едно израелско семејство кое живееше врата до мене, немаше никој наоколу. Џунглата која ја опкружуваше куќата беше тивка.

Семејството на Шанта живееше претежно на органска храна одгледана во домашни услови во Ауровил: свежо испечен леб, јајца, просо, зеленчук и банани и манго од овошните дрвја во дворот. Водата во куќата внимателно се чуваше; немаше филтер и секој ден некој мораше да оди да ги наполни шишињата возејќи до блиското основно училиште. Рециклираа и повторно употребуваа сѐ, од бебешки пелени, шишиња до женски влошки како и еден стар стегач за коса кој сѐ уште го употребувам.

Минав часови на терасата, лежејќи во сенка и слушајќи ги дрвјата на ветрот. Шанта ми донесе шолја свежо еспресо. Ѝ кажав дека Ауровил е најтивкото место кое сум го видела со месеци.

„Мораш да внимаваш овде, така сама“, ми рече. Пушеше цигара, подмижувајќи секогаш кога ќе издишеше. Реков дека имам слушнато дека жените можат да бидат нападнати ноќе. Ауровил има триесет и два влеза и никакви огради; жените, особено кога се сами, се ранливи. Имало неколку случаи на силување. Пред неколку години, една млада жена од САД била нападната среде бел ден додека трчала.

Таа затресе со главата. „Енергијата тука од време на време може да биде лоша. Можеш да влееш во мрачен маѓепсан круг. Навистина е тешко да излезеш сам од него.“

Климнав немарно. „Енергија“ беше збор кој многу пати имав прилика да го слушнам во Ауровил – сеопфатен опис на доброто и лошото расположение, разлчните видови на личности, најразлични неспокојства, определени места. На некој начин, сиот Ауровил се мереше со енергија.

Таа ми кажа дека куќата кадешто престојувавме „има лоша енергија“. Неколку години порано тука се случиле неколку самоубиства и било многу тешко да се издаде. Пред да се всели семејството, тие го тестирале нивото на енергија со некој уред чијшто опис звучеше како од „Истерувачи на духови“, и нашле нешто што Шанта го опиша како „три вители“.

„Што е тоа вител?“

„Енергијата едноставно исчезна“, објасни таа со широко отворени очи.

au01

Следното утро дојде ама, тамилски збор за „мајка“ кој се употребува за опишување на куќните помошнички. Таа беше локална тамилска селанка којашто ја чистеше куќата и ги чуваше децата. Речиси секој ауровилец си има ама, и градинар од соседното село Вилупурам, објасни Шанта. Тоа беше начин на кој богатата општина ги вработуваше локалните селани.

Тој ден решив да излезам на црвените патишта со бучниот мотор кој го изнајмив, да истражувам и да се изгубам, единствениот начин да се ориентирате на некое ново место. Мои ориентири набргу ми станаа облицие на дрвјата и различните бои на песокта: зградите беа напикани подалеку и не се гледаа од патот. Престојував во срцето на Ауровил, што всушност значеше спротивно од тоа што би значело во повеќето нови места – колку подлабоко навлегувате во Ауровил, толку попуст станува. Повеќето продавници кадешто се продава храна, кафе и облека се по периферијата, надвор од тоа што се опишува како „зелениот појас“, цилиндрична, невидлива бариера која ги означува официјалните обележја на Ауровил.

Најдов една пекара наречена Ганеш, којашто секо утро правеше свеж леб со сусам и беше средиште за храна и брз Wi-Fi во внатрешноста на шумата. Странци со коси во суканици и дотии – облека во еден дел носена од повеќето индиски селани – се собираа пред вентилаторите надвор, пушејќи цигари и пребарувајќи со палците по Фејсбук на екраните на нивните мобилни телефони.

Надвор беше поставена огласна табла со плакати и летоци од април и мај кои рекламираа изминати настани: нирвана јога танц, бразилско танчерско борење, импровизиран театар, африкански културен настан за собирање средства во добротворни цели, интензивни часови по хинди и италијански. Единствениот тековен настан беше неделна дискусија за интегралната јога на Шри Ауробиндо.

Го прашав сопственикот на пекарата, еден Индиец кој не се насмевнуваше, зошто нема настани во јуни. „Секој си оди за време на летото“, ми рее тој. „Премногу е жешко.“ Тој објасни дека повеќето странци заминуваат на неколку месеци, понекогаш и на половина година, враќајќи се во нивните татковини да ги видат своите семејства и, уште поважно, да заработат пари.

Внатре, пекарата беше полна со посетители – млади странци кои што дошле на неколку месеци, или некои на неколку години, да се занимаваат со земјоделство и да медитираат. Повеќето кои ги сретнав беа срдечни, пријателски настроени и изгубени: осамени на начин својствен на тие кои бараат некаде да припаѓаат.

Иако е место за „остварување на единство меѓу луѓето“, Ауровил исто така е место за ретка и посветена форма на самонабљудување; место воспоставено пред сѐ да ја обожува „бошествената свест“ – неопиплив израз чиешто значење, како што една млада посетителка од Германија со којашто разговарав во пекарата Ганеш објасни со затворени очи, „едноставно го чувствувате“. Таа ми кажа дека дошла во Ауровил бидејќи на Запад се чувствувала задушено.

Една друга жена од Америка со која се запознав ми кажа дека се преселила во Ауровил бидејќи сѐ во Соединетите Држави „едноставно изгледа навистина вештачко.“ Таа беше на листата на чекање на да стане ауровилка, процес од две години, при кој од подносителите се бара да докажат дека се самоодржливи и посветени на каузата. На апликантите две години не им се дозволува да го напуштат Ауровил и мораат да работат бесплатно како придонес за општината. По две години, тие се соочуваат со Службата за влез, мала група која ги прегледува молбите и на крајот решава кој ќе стане ауровилец. Една ауровилка од Германија кој работеше за Службата за влез ми кажа дека нејзината основна работа е да го отсее, како што таа го нарече тоа, „плевелот“. Не ја прашав што значи тоа.

Иако Ауровил официјално е дом на 2500 и нешто регистрирани жители, ми беше кажано дека вистинскиот број е многу повисок, приближно околу 10.000. Листата на чекање да се стане жител на градот станува подолга поради недостатокот на куќи.

Кога на луѓето со кои разговарав ќе им кажев дека работам на статија за Ауровил, речиси сите прашуваа дали сум се пријавила во Центарот за односи со јавност – комитет воспоставен да ги надгледува статиите, филмовите и фото-есеите за Ауровил. Кога стигнав во центарот, таму имаше само една жена која седеше во голема канцеларија, ауровилка по име Илејн Кетрин, којашто потекнуваше од Канада. Таа тој ден ѝ помагаше на болна пријателка и ме праша дали можеме да разговараме во нејзината куќа; ја следев на својот мотор низ густата шума до нејзиниот дом во една од првоизградените населби на Ауровил.

„Кога ќе загребете по површината на Ауровил, одвнатре е многу погрдо отколку однадвор. Започнувате да ги гледате проблемите, и тие се во длабоките слоеви“, ми кажа таа во дворот на нејзината куќа додека пивнувавме свеж сок од лимон кој го набра во дворот. „Штом еднаш ќе станете дел од него, реалноста е многу поразлична.“

Таа се присети на кошмарни случаи за кои никогаш не би замислила дека би можеле да постојат во Ауровил; во еден од 2010 година се случило крваво убиство, кога лигален селанец бил обезглавен од членови на банда од Куилапалајам, село кое граничи со Ауровил, поради нерасчистена кавга. Неговата глава била фрлена внатре во градското собрание. Бандата била фатена и затворена, ми кажа Илејн, и оттогаш немало никакви инциденти.

Дознав и за други случаи на убиство; млад Холанѓанец по име Сидо, кој бил гласен поборник за зголемување на безбедноста во Ауровил, бил брутално убиен од страна на селани од Куилапалајам коишто живеат во предградијата на Ауровил и кои се обиделе да го ограбат. Ауровил сега вработува локални чувари, но шумата е огромна и тие можат да покријат само мали делови. Ми беше силно препорачано да не излегувам сама ноќе.

Илејн отпрвин дошла во Ауровил како волонтер, но набргу ја напуштила својата корпоративна работа за постојано да се всели во општината. Таа беше првиот жител кој целосно отворено проговори за проблемите на Ауровил; еден од коишто е тоа што соседите многу малку си помагаат едни на други: „Си ја скршив раката, и мојот пријател од Пуне мораше да долета за да ми помогне“, ми кажа таа.

И покрај сите опасности, таа решила да остане, сама, во Ауровил. „Не ја избрав јас оваа патека, таа ме избра мене – сега за сега!“ ми пиша таа подоцна. „Верувам во сонот и верувам дека можам да помогнам да се манифестира создавањето на Општината.“

Но, поголем проблем, објасни таа, беше прашањето за тоа кој ги контролира парите во „беспарично општество“. „Јас платив 31 лаки (околу 48.000 долари) на Комитетот за станбени прашања како задолжителна донација за мојата куќа пред пет години. Подоцна најдов фотографија на куќата во едно списание за архитектура, и видов дека беше продадена за 13 лаки (20.400 долари). Не знам каде отишле тие пари. Не знам каде завршиле тие пари. Не знам кој ги контролира фондовите“, ми објасни таа, со доза на фрустрација.

au02

И јас не можев да откријам кој ги контролира фондовите. Иако Ауровил нема самоодржувачка економија – повеќето ауровилци или пристигнуваат со свои заштеди или заминуваат на неколку месеци да работат во земјите од кадешто доаѓаат – Ауровил има многу пари. Покрај огромните донации кои ауровилците ги добиваат за да бидат „стјуарди“ насвоите куќи, индиската влада донира илјадници рупии секоја година. Истото го прават и приватни донатори, како и посетителите, кога ќе дојдат,

Се чини дека централно прашање е каде одат тие пари, но можеби уште подобро прашање е кој да се праша тоа. Наместо влада, Ауровил се состои од неколку спонтани, самоформирани комитети кои лабаво владеат со местото: Станбени прашања, Работни односи, Сили за безбедност на жените, Одбор за услуги, Влез, Управување со фондовите и средствата, Зелена група, Одбор за услуги. Покрај комитетите има и подкомитети, совети, приватни групи, волонтери и посетители. Илејн ме упати кон група наречена Фонд за единство, но по неколку обиди да стапам во контакт, никој не сакаше да ми одговори на прашањата.

Индиската влада исто така назначува постојан „секретар“ на Ауровил, човек кој се вика Шринивас Мартин, кој се согласи на состанок со мене. Но, еден час откако го договоривме интервјуто, од Центарот за медиуми ме контактираа преку имејл и ми кажаа дека тој е недостапен за интервјуа. Други групи, како Комитетот за работни односи ми дадоа сличен одговор на моето прашање: „Премногу сме зафатени и не сме во состојба да се сретнеме со вас.“

Се чинеше дека никој не може да одговори на прашањето кој ги контролира фондовите: ми беше кажано да проверам на нивната веб страна, на којшто има еден детски графикон со проценти на донираните пари. Но, никаде не се наведуваат точните бројки. И сепак, повеќето ауровилци не ги интересира прашањето кој ги контролира фондовите. На крајот на краиштата, во Ауровил и не би требало да има пари – принцип кој општината се обидува да го наметне.

Кога пристигнав, бев приморана да купам (со готовина) Аурокарта, и ми беше кажано со неа да плаќам во продавниците и рестораните во општината. Тоа беше нешто како картичка за оброци на факултет: доколку се случеше да ја загувам, ќе морав да платам десет долари казна (во готово). Но, идејата не сосема фатила тло. Во првата продавница во која се обидов да ја употребам својата Аурокарта ми побараа готовина наместо картата. Исто и во втората. Кога и во третата ми побараа пари, прашав зошто воопшто постои аурокартата. Продавачот слегна незаинтересирано со рамениците.

Повеќето ауровилци кои ги запознав како да не се замараа со пари. Тоа беа уметници, духовни мечтатели, еко-земјоделци и креативни авантуристи. Тие се преселиле во свет кој им дозволил да заборават на вистинскиот свет. Во едно кафуле на работ на Ауровил, еден ден запознав Французин кој себеси се нарекол Павитра. Тој беше ауровилец и во Ауровил живее со повремено излегување уште од осумдесеттите.

Тој ми кажа дека денот пред тоа спиел цели 24 часа. Објасни дека е опседнат со тоа да ги помни своите соништа. Во последниот сон, се присетуваше, тој лебдел во вселената, полека спуштајќи се назад кон џиновската сјајна Земја.

„Можеби минатата ноќ сум го напуштил моето тело“, се насмевна. „Кој би знаел?“

Ме прошета низ неговата куќа: прекрасна соба на два ката под сламен покрив со полица за книги до таванот. Пиевме вистинско француско кафе и јадевме свежи датули. Тој ми кажа дека за првпат во неговиот живот се нафатил да ја гледа серијата „Ѕвездени војни“. Почнавме да разговараме за духовноста и свеста. Го прашав дали одел во Матримандир, џиновската купола крај која минав, којашто се наоѓа во срцето на Ауровил. Веќе двапати неуспешно се обидов да влезам внатре – двата пати кога се обидов да се регистрирам, канцеларијата беше затворена – а јас бев очајна да видам што лежи во внатрешноста на „срцето на Ауровил“.

„Можеби еднаш во месецот“, слегна тој со рамениците. Објасни дека тоа главно станало место за посетители, но се понуди да ме одведе таму. Посетителите можат да го прескокнат бирократскиот кошмар на запишување во организирани тури ако внатре се во придружба на жители на Ауровил.

au03

Ми договори посета за во 8:30 наутро и се шетавме во кругови околу зградата, чекајќи да влеземе и разговарајќи на франглиски колку за забава. Веќе капејќи се во огнената жештина на јуни додека го чекавме нашиот ред да влеземе, почнував да се прашувам дали вреди.

Иако Ауровил инсистира на својата секуларност, идеалите на општината се догматски и фундаментално „спиритуални“. Ми се чинеше дека Матримандир е како и секој друг религиски храм. Внатре сфатив дека посетата беше добро решение. Внатрешноста сјаеше со темна бронезена сенка од златото и беше конструирана од бел мермер; беше футуристички, бизарно и збунувачко. Единствената видлива светлост беше еден единствен сончев зрак кој го прободуваше дното на куполата. Зачекорив, во бели чорапи кои ми ги даде еден тивок странец кој го чуваше влезот во белата курта, нагоре по спиралната рампа до внатрешната комора, темна просторија со душеци за медитирање и голема кристална топка во средината. Седев сама во лачот светлина околу четириесет и пет минути. Овде сонувачите доаѓаат да сонуваат.

Изграден во седумдесеттите, Матримандир е сѐ уште на сето тоа што Ауровил треба да го претставува: „Твојот внатрешен свет“, ми кажа ауровилката Клер Фенинг, Американка во нејзините доцни шеесетти. Пиевме црн чај и јадевме индиско чики во нејзиниот стан исполнет со светлина во една од најстарите колонии во Ауровил, место наречено „Прифаќање“. „Од тебе се бара пет часа дневно да му дадеш на Ауровил“,објасни таа. „Остатокот од времето, му посветуваш внимание на твојот внатрешен свет.“

Фенинг била една од првите кои пристигнале и помогнале да се изгради Ауровил, производ на генерација исполнета со неуморна, идеалистичка младост привлечена од метафизиката и спиритуалноста. „Се обидувавме да создадеме подобар свет, можеби не за нас самите, но за следната генерација“, рече таа. Фенинг за Ауровил дознала од еден леток кој го добила од Теософското здружение додека живеела во Бордо, ми кажа таа, и набргу потоасе спакувала и се преселила. Таму го запознала и својот прв сопруг, Французин. Тој го открил Ауровил додека бил на пат од Париз до Пекинг; некој му кажал за општината кога бил запрен на границата со Тибет.

Во тоа време Ауровил бил џиновска сува пустина и идеја. Повќето коишто дошле немале ништо и живееле од ништо. Планот бил да изградат сѐ од почеток. „Нашиот прв дом во Ауровил беше една дупка во барака од полиестер со еден, единствен шкаф“, кажа Фенинг. „Осумдесет отсто од нас на почетокот немавме ништо.“

Таа беше една од малкмината преостанати ауровилци кои лично се запознале со Мајката. Прашав дали Мајката поседувала натприродни квалитети како што често слушав дека се зборува за неа.

„О, таа честопати свесно го напушташе своето тело“, спомна Фенинг лежерно. „Се обидуваше да создаде златен тунел низ кој ќе мине душата.“ Фенинг е во Ауровил уште од самиот почеток и решила да остане. Сакав да дознаам што е тоа, ако воопшто има такво нешто, што го држи Ауровил. Што е тоа што го држи заедно сето тоа што мене ми се чини како дисфункционална и оксиморонска општина?

au04

„Повелбата, повелбата, повелбата“, ми кажа Фенинг. „Повелбата е сѐ.“

Впишана на лотосова урна поставена крај Матримандир, Ауровилската повелба ја изразува оригиналната визија, првичниот сон:

 

Ауровил не му припаѓа на никого особено. Ауровил му припаѓа на човештвото како целина. Но, за некој да живее во Ауровил, тој мора да биде слуга послушен на Божествената Свест.

Ауровил ќе биде место на бескрајно образование, на постојан напредок и на младост којашто никогаш не старее.

Ауровил сака да биде мост помеѓу минатото и иднината. Искористувајќи ги сите откритија однадвор и одвнатре, Ауровил смело ќе се одрази кон идните остварувања.

Ауровил ќе биде место за материјални и духовни истражувања за телесно отелотворување на вистинско

Човечко Единство.

Почнав да чувствувам, додека со мојот мотор скитав по пустите патишта, дека проблемите на Ауровил изгледаат како бескрајна листа на Сизифови задачи: ограничено количество вода, неодржлива економија, заплеткана бирократија, таење на пари, и никаков начин да се контролира сето тоа. Но, се случуваа и многу иновативни нешта. Половина Ауровил се напојува со соларни панели; има органско земјоделство, спонтани уметнички и театарски претстави, бесплатно образование и, што и да значи тоа за секој поединечно, доделено место за продлабочување на личната свест.

Но, додека да дојде време да си заминам од Ауровил, почнав да копнеам по метежот на индискиот сообраќај и нередот кој доаѓа со тоа да се биде дел од едно општество; викањето и ценкањето, достапноста на продавници и луѓе и разговорите за тоа што се случува во светот.

Кога пристигнав во Пондичери, почнав разговор за Ауровил со сопственикот на еден бар таму. Потекнувајќи од Делхи, тој ми кажа дека минал некое време во Ауровил, но призна дека најмногу поради тоа што бркал една девојка. Го прашав што тој мисли за Ауровил.

„Тоа место“ одмавна тој со раката, „тие сакаат да бидат излекувани. Тие кои ќе бидат излекувани, си заминуваат. Останатите, тие заглавуваат.“

„Излекувани од што?“ – прашав.

„Ете“, одговори тој, „тоа е вистинското прашање.“

Сподели на Facebook
пати видено