16-годишна ученичка заработила речиси 60 000 евра така што советувала Кинези за англиски имиња на нивните бебиња, откако слушнала дека некои Кинези на своите деца им давале имиња како Гандалф и Пепелашка. Бо Џесап од Еџ, Глостершир, досега предложила имиња за 221 000 кинески бебиња во текот на изминатите шест месеци и нејзиниот невообичаен бизнис цвета. Бо, која е ќерка на актерката Лиза Максвел, го поставила сајтот SpecialName.cn откако извесно време минала во Кина кадешто постојано била замолувана да предложи англиско име за пријатели кои го очекувале нивното прво бебе. На сите кинески бебиња им се дава традиционално кинеско име, напишано со кинеско писмо, кое се користи во сите административни документи. Но, во последните 20 години има растечка побарувачка за дополнително англиско име кое би можело да се чита, пишува и изговара на англиски. Ова е со цел да им биде полесна комуникацијата при студирањето и бизнис односите со Западот, но тие имиња досега се бирале на училиште од страна на нивниот наставник по англиски, или дури и од самите ученици.
„Често слушав примери за целосно несоодветни англиски имиња, кои ги слушнале од филмовите или ги прочитале на интернет. Тоа направи да сфатам дека постои можност на луѓето од Кина да им помогнам уште на самиот почеток да го направат вистинскиот избор.“
Така, Бо го развила Спешлнејм за да им предлага соодветни англиски имиња на кинеските родители, врз основа на нивните замисли и аспирации за нивното дете. Тоа се совпаѓа и со кинеската традиција за давање уникатни имиња за нивните деца. Веб страницата на родителите им дава листа од 12 лични особини како чувствителност, чесност, самодоверба и сл. за најдобро да опишат какво сакаат да биде нивниот бебе.
Потоа сајтот ги анализира изборите и предлага листа од три англиски имиња, дополнета со објаснување за нивното значење, како и примери со славни личности кои ги носеле тие имиња, како Грејс Кели и Кетрин Мидлтон. Целиот процес трае околу три минути и чини околу 50 центи. Сајтот сега во просек има 27 000 посетители дневно и заработува 19 000 евра месечно.