Секој слушнал за изгубени градови како Помпеја и Макчу Пикчу, тоа се најчестите туристички одредишта, најчесто спомнуваните на интернет. Но се разбира, има и многу други „изгубени градови“ насекаде низ светот. Овие камени остатоци од минатите времиња можат да датираат од пред илјадници години, а се неверојатни не само по нивната добра состојба, туку и на начинот на кој потсетуваат на современите градови. Листа од 15 такви градови.
1. Картагина
Картагина, која се наоѓа во денешен Тунис, била основана од страна на Феникијците во првиот милениум пред нашата ера. Набргу станала моќна благодарение на својата крајбрежна положба, што пак набргу ја довело во судир со Римјаните. На крајот, Картагина паднала и Римјаните го изгореле градот, масакрирајќи и поробувајќи ги нејзините граѓани. Потоа Римјаните повторно ја изградиле и Картагина станала еденод поголемите римски градови. Во 698 година од нашата ера потпаднала под муслиманска власт.
2. Сиудад Пердида
Сегашното име на овој град значи „Изгубениот град“, но мистериозните рушевини во Сиера Невада на Колумбија се познати и под имињата Тејуна и Буритака. Градот бил основан во 800. г.н.е. и му претходи на градот на Инките, Макчу Пикчу со некои 650 години. Ќе биде откриен дури во 1972 година. Се чини дека бил централен град во мрежата од села изградени од народот Таирона. Градот го сочинуваат повеќе тераси, мрежа од патишта и кружни плоштади. Можеби бил дом на население во бројност до 8.000 луѓе.
3. Троја
За Троја веројатно сте слушнале од Илијадата, но тој проколнат град навистина постоел. Се наоѓа во северозападниот дел на денешна Турција, Градот содржи повеќе археолошки слоеви коишто ни покажуваат дека тука живееле повеќе култури, а познатата Тројанска војна, опеана од Хомер, се случила во средината на тринаесеттиот век пред нашата ера.
4. Скара Брае
На најголемиот од Оркниските Острови во Шкотска се наоѓа неолитската населба Скара Брае. Таа им претходи на пирамидите во Египет и Стонхенџ во Англија. Лежела закопана со илјадници години пред силна бура во 1850 година да ги изложи камените живеалишта. Скара Брае била населувана од 3180 до 2500 г. пр.н.е. но поради сѐ пониските температури, населението било присилено да си замине.
5. Мемфис
Мемфис бил првиот главен град на Египет и останал најважниот град на моќната империја од антиката со илјадници години. Легендите раскажуваат дека калот Менес го изградил градот пренасочувајќи го Нил, а неговото основање според Херодот е датирано во 3100 пр.н.е. Останал моќен град дури и откако египетската престолнина била преселена во Теба. По освојувањата на Александар Македонски, најпознат град во Египет станал Александрија, што продолжило и во римско време, додека сјајот на Мемфис почнал да опаѓа.
6. Карал
На оваа фотографија градот Карал изгледа како ништо повеќе од дел од пустиот пејзаж во Перу. Но, всушност се работи за остатоци на еден од најголемите градови на народот Норте Чико. Се смета за еден од најстарите урбани центри на американскиот континент, датирајќи во периодот 2600-2000 пр.н.е. Најверојатно бил населен од околу 3000 луѓе.
7. Вавилон
Уште еден град кој се чини како повеќе да е дел од фантазијата, но Вавилон исто така навистина постоел. Тој бил голем град во Месопотамија, изграден крај реката Еуфрат во денешен Ирак. Се сметал за свет град на Акадиската империја, и се одликувал со бројно население, кое броело до 200.000 луѓе. Бил основан во 2300 година пр.н.е. и останал забележително место низ целата негова историја, познат по својот луксуз, светлите бои и легендарните висечки градини.
8. Таксила
Таксила се наоѓа во северозападен Пакистан, и минал низ голем број на културни промени. Првото забележано освојување на овој древен град било од страна на персискиот крал Дариј во 518 г. пр.н.е. Двеста години подоцна паднал во рацете на Александар Велики. Следувале уште серија освојувања, сѐ додека градот не станал будистички центар, и според легендата, бил посетен и од апостол Тома во првиот век од нашата ера. Градот останал значаен благодарение на блиските трговски патишта, но кога активноста на нив почнала да опаѓа, почнал да опаѓа и градот. На крајот градот Таксила бил уништен од Хините во петтиот век.
9. Тимгад
Оваа римска колонија во Алжир била основана од императорот Трајан во 100 г. од нашата ера во чест на неговите родители и постарата сестра. Сега е претворен во рушевини, но сѐ уште можете да го видите мрежниот план кои Римјаните го употребувале во нивните градови – а е во употреба и до ден денес. Градот живеел во мир 400 години, сѐ додека не бил уништен од Вандалите и Берберите, а на крајот бил освоен од Арапите. Градот оттогаш бил пуст, полека голтан од песокта, сѐ додека повторно не бил откриен во 1881 година.
10. Мохенџо-даро
Овој град во долината на реката Инд е еден од најстарите урбани центри. Бил изграден во 2600 година пр.н.е. и цутел околу 600 години пред да биде напуштен, а бил ископан во 1922 година. Тука биле најдени бројни артефакти, како и сведоштва за тогашен силен технолошки напредок. Името „Мохенџо-даро“ коешто значи „Могила на мртвите“ е современо име. Неговото вистинско име можеби било „Кукутарма“.
11. Голем Зимбабве
Земјата Зимбабве го добила своето име по комплексите на камени рушевини најдени насекаде низ неа, коишто исто така се наречени „зимбабве“. Најголемиот од нив е Голем Зимбабве, кој почнал да се гради во тринаесеттиот век од нашата ера од страна на народот Банту. Градењето продолжило 300 години и во својот врв градот броел 18.000 жители. На крајот почнал да опаѓа, можеби поради глад, политичка нестабилност, или недостаток од вода.
12. Хатра
Хатра, во Ирак, бил престолнина на првото Арапско кралство. Дебелите, високи ѕидини помогнале да се одбијат дури и Римјаните. Цветал како трговски и религиски центар под Партјаните, за на крај да биде уништен од инвазијата на иранските Сасаниди. Архитектурата отсликува грчки, римски и источни влијанија. Денес се наоѓа под закана да биде уништен од страна на Исламската држава, која го уништила и древниот град Нимруд.
13. Санчи
Санчи бил изграден во текот на повеќе од илјада години, почнувајќи од третиот век од нашата ера, а својот врв го достигнал во 1200 година. Бил напуштен во 14-от век, како што будизмот почнал да опаѓа во Индија, по што бил проголтан од џунглата. Во 1818 година бил откриен од еден британски офицер.
14. Хатуша
Хатуша станал главен град на Хетитската имерија на територијата на денешна Турција. Шестотини години подоцна пропаднал, заедно со многу други населби во средоземноморскиот регион од бронзеното доба. Врз основа на археолошките наоди, се чини дека градот постепено почнал да опустува со опаѓањето на Хетитското царство.
15. Чан Чан
Чан Чан се одликува со тоа што е најголемиот град во Јужна Америка од пред доаѓањето на Колумбо и се наоѓа во денешен Перу. Го изградил народот Чиму, во 850 г.н.е. и останал населен сѐ додека не бил освоен од Инките во 1470. Се проценува дека градот можеле да го населуваат околу 30.000 луѓе.
Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.