Еднораката американска сурферка Бетани Хамилтон го освои третото место на сурферскиот натпревар Фиџи Про за жени, победувајќи некои од најдобрите сурферки во светот за да стигне до полуфиналето. Хамилтон, чијашто лева рака била одгризана од ајкула во 2003 година, на натпреварот учествувала со пристапот „што биде-нека биде“ мислејќи дека има мали шанси да постигне нешто.
Но, 26-годишната девојка од Хаваи стасала до полуфиналето покажувајќи неверојатни вештини. Во вториот круг ја победила Тајлер Рајт од Австралија, која е првак во светот, а потоа шесткратната шампионка Стефани Гилмор во третиот. Ники Ван Дајк, уште една Австралијка, падна во четврт-финалето пред Хамилтон конечно во полуфиналето да бида поразена од можниот победник на настанот, Жоан Дефе од Франција.
„Непланирано да завршиш на трето место! Ми се допадна натпреварувањето и едвај чекам нови авантури“, напишала Хамилтон на својот Твитер профил. Ова е шести пат Хамилтон да се натпреварува на елитни натпревари, при што нејзиниот најдобар резултат е освоеното деветто место во 2010 година, а нејзиниот овогодишен резултат е уште повпечатлив ако се има предвид дека пред нешто повеќе од една година го родила своето прво дете.
Но, и самиот факт дека се натпреварува и покрај тоа што нема една рака беше инспирација за холивудскиот филм „Сурферка на душата“ (Soul Surfer) од 2011 година, со Денис Квејд и Хелен Хант во главните улоги. Бетани Хамилтон е жив пример дека силната волја може да победи сѐ.